Пратениците од парламентарното мнозинство го одбија законскиот предлог на СДСМ за воспоставување нова државна награда „Блаже Конески“, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на партиската Комисија за култура, Мирче Најдоски. Според наводите на опозицијата, со оваа одлука власта гласала против воведување највисоко институционално признание со кое државата еднаш годишно требаше да ги вреднува најзначајните научни и стручни остварувања во областа на македонскиот јазик и македонистиката.
Законодавната иницијатива предвидуваше признанието да се врачува секоја година на 19 декември, денот на раѓањето на Блаже Конески. Од партијата потенцираат дека институционалната почит кон кодификаторот на современиот македонски литературен јазик, прв претседател на МАНУ и поранешен ректор на Универзитетот во Скопје, требаше да биде заеднички државен чин за поттик на научната и јазичната дејност.
Најдоски упати директни критики кон пратениците на власта, наведувајќи дека тие во минатото го омаловажувале ликот на Конески, а сега институционално го блокираат неговото признавање. Според претседателот на партиската комисија, оваа собраниска одлука ја покажува вистинската незаинтересираност на владејачката структура за заштита на јазичниот и културниот идентитет.
„Истите оние што го нарекуваа џуџето од Небрегово гласаа против Конески и против највисоко институционално признание за значајни остварувања во областа на македонскиот јазик и македонистиката. Две години не го спроведуваат ниту Законот за употреба на македонскиот јазик“, изјави Мирче Најдоски.
Од партиската говорница беше посочено дека негрижата кон националните симболи е видлива и на терен, при што Најдоски го спомена неодамнешното сквернавење на споменикот Македониум во Крушево. Според неговите зборови, власта дозволила комерцијализација и деградација на вредното културно наследство за ситни парични надоместоци, наместо системски да го заштити.
Најдоски прес-конференцијата ја заклучи со оцена дека гласањето против законското решение за наградата „Блаже Конески“ претставува политичко лицемерие на владејачката партија, која, како што истакна тој, само декларативно се претставува како заштитник на националните интереси.

