Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во вторник ќе отпатува во Софија, најави премиерот Христијан Мицкоски по денешната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
На заедничката прес-конференција во Владата, Фон дер Лајен порача дека за надминување на разликите меѓу Македонија и Бугарија е потребен директен дијалог, при што Европската унија е подготвена да помогне во процесот.
Мицкоски потоа најави дека Муцунски во вторник ќе замине во Софија, што претставува конкретен чекор кон обновување на политичкиот дијалог меѓу двете земји.
Досега Владата инсистираше во разговорите со Бугарија да биде вклучена и Европската унија. И Мицкоски и Муцунски во изминатиот период бараа европски претставник да учествува во дијалогот, со образложение дека тоа ќе обезбеди поголема предвидливост и ќе овозможи аргументите на двете страни да бидат слушнати во присуство на Брисел.
Муцунски пред посетата на Фон дер Лајен изјави дека досегашните билатерални контакти со Софија не донеле напредок и дека е потребно поголемо вклучување на ЕУ во процесот.
Најавената посета во Софија доаѓа во момент кога Македонија и натаму не го продолжува отворањето на преговарачките кластери со ЕУ поради условот за уставни измени.
Владата останува на позицијата дека за следниот чекор во евроинтеграциите се потребни гаранции за предвидлив процес и дека билатералните прашања со Бугарија не треба повторно да стануваат причина за нови блокади.
Фон дер Лајен денеска престојува во Скопје како последна станица од нејзината турнеја низ Западен Балкан, а европската интеграција и односите со Бугарија се меѓу главните теми на разговорите со државниот врв.

