Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Јадро – Асоцијација на независната културна сцена ја објавија публикацијата „Почетен медиумски мониторинг на комуникацијата на Министерството за култура и туризам, шест единици на локалната самоуправа и на медиумското известување за локалната култура (1 април – 30 јуни 2026)“.
Автори на мониторингот се Мила Стаменова Бурнс и Петрит Сарачини од ИМА. Извештајот ги презентира резултатите од почетниот мониторинг на јавната комуникација на Министерството за култура и туризам и на шест единици на локалната самоуправа – Град Скопје, Тетово, Струга, Битола, Кавадарци и Струмица, како и на медиумското известување за темата „култура“ во периодот 1 април – 30 јуни 2026 година.
Овој извештај ги презентира резултатите од почетниот мониторинг на јавната комуникација на Министерството за култура и туризам, шест единици на локалната самоуправа (Град Скопје, Тетово, Струга, Битола, Кавадарци и Струмица), како и на медиумското известување за темата „култура“ во периодот 1 април – 30 јуни 2026 година.
Мониторингот е спроведен во рамки на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“ и има за цел да обезбеди почетна проценка на видливоста на културата во јавната комуникација, застапеноста на независната културна сцена и транспарентноста на институционалната комуникација.
Анализата покажува дека културата е редовно присутна во комуникацијата на Министерството за култура и туризам, но содржините се доминантно насочени кон промоција на институционални активности, официјални посети, јавни настани и културни манифестации.
Во анализираниот период на веб-страницата на Министерството се објавени 140 соопштенија, распределени релативно рамномерно во текот на трите месеци. Најголем удел имаат содржините поврзани со активностите на Министерството и министерот, потоа најавите за културни настани во земјата, редовните фестивали и јубилеи, како и претставувањето на македонската култура во странство.
Квалитативната анализа покажува дека Министерството остварува високо ниво на продуктивност во објавувањето информации, но комуникацијата најчесто има информативен и протоколарен карактер.
Помалку простор е посветен на објаснување на јавните политики, резултатите од реализираните програми, ефектите од јавните инвестиции во културата и на континуирано претставување на организациите од независната културна сцена.
Независниот сектор е присутен претежно преку најави за фестивали, меѓународни проекти или јавни консултации, но не претставува препознатлив и континуиран сегмент на институционалната комуникација.
Мониторингот на единиците на локалната самоуправа покажува значителни разлики во начинот на кој општините ја комуницираат културата. Во сите анализирани општини културните содржини претставуваат релативно мал дел од вкупната институционална комуникација, при што најголем дел од објавите се посветени на инфраструктурни проекти, комунални услуги, локални инвестиции и дневни активности на градоначалниците. Во повеќето случаи, комуникацијата на општините е силно персонализирана и доминирана од профилите на градоначалниците, додека официјалните општински страници имаат ограничена самостојна комуникациска улога.
Овој тренд е особено изразен кај дел од анализираните општини, каде што најголемиот дел од содржините на институционалните профили претставуваат преземени објави од профилите на градоначалниците.
Иако сите анализирани единици на локалната самоуправа (Градот Скопје и општините Битола, Кавадарци, Струга, Стумица и Тетово) организираат или финансиски поддржуваат културни програми, фестивали и манифестации, тие активности не се рефлектираат доследно во нивната јавна комуникација. Особено е забележливо дека активностите на локалните културни установи, јавните повици за финансирање, како и проектите на независните културни организации ретко се претставуваат како дел од пошироките развојни политики на општините.
Исклучок претставуваат поединечни случаи на објавување јавни повици или промоција на поголеми локални манифестации, но тие не претставуваат континуирана комуникациска практика.
Анализата на медиумското известување на вестите на медиумите што се агрегирани преку агрегаторот Time.mk покажува дека во анализираниот период се регистрирани 3.902 медиумски објави поврзани со културата.
Медиумската агенда беше обликувана од неколку доминантни теми: состојбите во културниот сектор и протестите на културните работници, подготовките за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, реконструкцијата на Универзалната сала, подготовката на Националната стратегија за развој на културата 2026–2030, како и бројните фестивали, изложби и концертни програми.
Истовремено, медиумите посветија внимание и на дел од иницијативите на независната културна сцена, меѓу кои Форумот за праведност во културната мобилност (Cultural Mobility Forum), Фестивалот на критичка култура КРИК, Маалски фестивал, Викендот на гордоста Скопје и програмите на КСП Центар Јадро.
Иако независната културна сцена е присутна во медиумското известување, анализата покажува дека нејзината видливост не е задоволителна и најчесто зависи од одржувањето на поголеми фестивали, јавни реакции или меѓународни проекти, а не од континуирано следење на нејзината работа. Наспроти тоа, институционалните активности, официјалните соопштенија и традиционалните културни манифестации остануваат доминантни теми во медиумската агенда.
Генерално, мониторингот покажува дека институциите обезбедуваат релативно високо ниво на јавна информираност за своите активности, но комуникацијата во најголем дел останува еднонасочна, протоколарна и настански ориентирана. Ограничено внимание се посветува на пошироките културни политики, долгорочните ефекти од јавните инвестиции, улогата на локалните културни чинители и придонесот на независната културна сцена.
Истовремено, медиумското известување ја следи истата логика, концентрирајќи се главно на институционалните активности и поголемите културни настани, додека независниот културен сектор добива значително помала и повремена медиумска видливост.
Наодите од овој почетен мониторинг претставуваат основа за понатамошно следење на трендовите во јавната комуникација на институциите и медиумското известување за културата, како и за формулирање препораки насочени кон поголема транспарентност, поинклузивна комуникација и посилна видливост на независниот културен сектор.

