Виктор Орбан и неговата влада се соочуваат со голем предизвик – ризикот да изгубат една милијарда евра од ЕУ-фондовите до крајот на годината. Причината е неспроведување на потребните реформи во владеењето на правото, поради што Европската комисија задржа над 16 милијарди евра, вклучувајќи средства за економски раст и помош по ковид-кризата.
И покрај ова, владата на Орбан одлучи да обезбеди дополнителни 500 милиони евра кредит за Македонија, како дел од договорот меѓу владите.
Во октомври 2023 година, Орбан се сретна со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Александар Николоски во Будимпешта, каде се зацврстија политичките и економските односи. Владата на Мицкоски најави дека новиот кредит од Унгарија ќе се искористи за раздолжување на еврообврзницата од 2018 година, преземена од претходната власт.
„Овој заем е по исклучително поволна каматна стапка од 3,25%, што ќе овозможи заштеда од 200 милиони евра во следните 15 години,“ изјави Мицкоски на МТВ.
Сепак, оваа поддршка доаѓа во време кога Унгарија се бори со сериозни финансиски предизвици, вклучувајќи висок буџетски дефицит и слаб економски раст.
Европската комисија останува цврста во ставот дека Унгарија мора да спроведе реформи за антикорупција и судир на интереси за да ги деблокира фондовите. До 31 декември, Орбан има рок да исполни 17 услови, но досегашните напори се оценети како недоволни.
„Ова се значајни средства за секоја земја, особено за Унгарија,“ коментира дипломат од ЕУ.
Иако Унгарија успеа да деблокира дел од средствата за академска слобода, останатите фондови за кохезија и пост-ковид закрепнување се и понатаму замрзнати.
И додека Будимпешта се задолжува во Кина за една милијарда евра за необјаснети цели, договорот со Владата на Мицкоски покажува дека политичките врски меѓу Фидес и ВМРО-ДПМНЕ имаат приоритет пред економските реалности.
Дали овие средства навистина доаѓаат од унгарски извори или има друга позадина, останува отворено прашање. Она што е сигурно е дека блиските релации меѓу Орбан и Мицкоски носат политичка цена за двете страни.