Халкидики го дочекува утрото на 14 август по драматична евакуација на жители и туристи од Сивири и Фурка. Во големата операција по море биле извлечени 481 лице, а пожарот до доцна синоќа веќе немал активен фронт. Сепак, пожарникарите останаа на терен поради опасност од повторно разгорување, додека за денес повторно е прогласен многу висок ризик од пожари на Халкидики.
За македонските граѓани, сепак, едно важно прашање утрово останува без одговор – колку наши државјани биле меѓу евакуираните.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија до доцна синоќа немало официјална бројка од грчките институции. Од МНР потврдија дека по избувнувањето на пожарот македонски државјани телефонски се обратиле до Генералниот конзулат во Солун и побарале информации и насоки.
„До овој момент од надлежните институции во Грција не е добиена официјална информација за бројот на евакуирани македонски државјани“, соопшти МНР во последната информација објавена во четвртокот вечерта.
Македонските дипломатски претставници им ги пренесувале на граѓаните инструкциите на грчките власти и апелирале сите кои престојуваат во загрозените подрачја строго да ги следат пораките од системот 112 и наредбите за евакуација.
Размерите на вчерашната операција станаа појасни доцна синоќа. Според официјалните податоци на грчката крајбрежна служба, 481 лице било извлечено од плажата во Сивири. Од нив, 285 биле пренесени до марината Сани, а 196 се качиле на бродот „Speedrunner Jet“ за транспорт кон Солун. Во евакуацијата учествувале бродови на крајбрежната и противпожарната служба, рибарски и приватни пловила.
Паралелно биле евакуирани и Сивири и Фурка по копнен пат. Грчките власти четири пати го активирале системот 112, а туристите и жителите биле упатувани кон Касандрија, Мола Калива и Неа Скиони. Според грчките власти, при евакуацијата немало повредени цивили, иако двајца пожарникари биле полесно повредени.
Добрата вест на почетокот на денот е дека, според последното ажурирање на ЕРТ доцна синоќа, пожарот кај Сивири немал активен фронт. Тоа, сепак, не значи дека опасноста е завршена – екипите останале распоредени поради можни повторни разгорувања.
Грчките власти отворија и специјална платформа за привремено сместување на луѓето погодени од пожарот во општина Касандра, во соработка со Министерството за туризам и хотелскиот сектор.
Токму затоа денешниот ден останува чувствителен за сите што престојуваат или планираат да патуваат кон Халкидики. Грчката Цивилна заштита го стави регионот Халкидики и Света Гора во категорија 4, многу висок ризик од пожар за петок, 14 август. Во делови од Атика, Евија, Беотија, Коринтија и Арголида ризикот е уште повисок – категорија 5, односно состојба на тревога.
Надлежните предупредуваат и дека силните ветрови продолжуваат, со најизразени услови токму во петок, што може брзо да предизвика повторно ширење на пожар доколку се појави ново жариште.
За македонските туристи кои се на Халкидики или денес патуваат кон полуостровот најважно е да ги следат локалните известувања и предупредувањата од 112. МНР ги остави активни и дежурните контакти: +389 75 268 736, како и телефоните на македонскиот Конзулат во Солун +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.
Така, Халкидики влегува во нов ден со значително подобра состојба на пожарот кај Сивири, но и со висок ризик од нови жаришта. За Македонија, пак, утрово останува отворено прашањето колку наши граѓани биле дел од големата евакуација во која за само неколку часа стотици луѓе мораа да го напуштат едно од најпосетуваните туристички места на првиот крак.
