„Како влада не останавме должни. Немаме што да криеме во однос на организацијата, меѓутоа ќе ни дозволите да завршиме со најавите на сите настани и потоа достоинствено и доследно ќе информираме за сите детали“
Ова го кажа на една од прес конференциите посветени на програмата на „Силно светнал ден“ портпаролката на владата Марија Митева.
Сега, кога се спушти завесата на манифестацијата и програмските активности по повод 35 години независност, време е за очет. Владата да ни каже дали транспарентноста е идиотска работа?
Јавноста и медиумите уште од најавата за манифестацијата и програмата за „Силно светнал ден“ укажа и предупредуваше на крајната нетранспарентност во нејзината реализација. Од повеќе аспекти.
Најсериозниот проблем на владината манифестација „Силно светнал ден“ не е само естетски или концепциски, туку финансиски. До крајот, на манифестацијата и покрај бројните медиумски барања, Владата и организаторите одбија да ја објават цената на ангажманот на Дејвид Гета и вкупниот буџет на прославата.
А тое е најпроблематичниот аспект на овој фестивалски концепт е моменталниот економски и фискален контекст во земјата. Во период кога државниот буџет се соочува со сериозни дефицити, зголемен јавен долг, колапс во инфраструктурните проекти и недостиг на средства во здравството и образованието, државата финансира мегаломански забавен караван.
На последната прес конференција, ден пред настапот на Дејвид Гета, Владата преку Милошески, сопственикот на „Авалон“, преку кој беше обезбеден Гета, како да сакаше да ни каже дека транспарентноста е идиотска работа?
Но, убаво го оцени тој инцидент новинарката на „Слободен печат“ кога го постави прашањето колку пари ги чини македонските граѓани Гета и целата манифестација „Силно светнал ден“.
„Колку пари чини ангажирањето на Дејвид Гета е прашање од јавен интерес. Дали некој ми личи на идиот, не е прашање од јавен интерес.“
На крајот, заради јавниот интерес и заради парите на граѓаните, Владата и понатаму останува должна да одговори на:
- Колкав е вкупниот буџет на „Силно светнал ден“?
- Колкави се хонорарите за странските и домашните артисти, за секој поединчено?
- Колкави се трошоците за логистиката, сцена, тон, катеринг и светло и која или кои компании биле ангажирани за овие работи?
- Зошто не е објавен тендер и по кој основ се договорени економските оператори и агенции за извршување на програмските активности на манифестацијата?
- Дали за концептот и организацијата за оваа гломазна манифестација било формирано тело во Владата и кој раководел со тоа тело?
- Дали во Буџетот била предвидена ставка за финансиските аранжмани за реализација на „Силно светнал ден“?
- Пред кое тело Владата, како организатор на манифестацијата ќе го поднесе отчетот и финансискиот извештај?
Иако необјавениот буџет самиот по себе не е правен доказ за криминал, отсуството на навремена финансиска разбивка создава класични услови за корупциски ризик.
Затоа јавноста треба да знае дали и кој во такви услови бил подложен на тој ризик и да докаже дека сѐ се одвивало во рамките на законите и процедурите.

