Целосна нормализација на односите е единствениот начин Косово и Србија да влезат во Европската унија, изјави денеска шефицата на европската дипломатија Каја Калас по повод стапувањето на должност на Питер Соренсен како специјален претставник на ЕУ за дијалогор меѓу Белград и Приштина.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, на Х напиша дека топло го поздравува Соренсен и оти им претстои важна работа.
„Го поздравувам Питер Соренсен како мој специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина. Ни претстои важна работа. Целосната нормализација на односите е единствениот начин Косово и Србија да се приклучат на ЕУ“, напиша Калас.
Калас му се заблагодари на претходникот на Соренсен, Мирослав Лајчак, кој помина речиси пет години на таа позиција, за неговите напори, наведувајќи дека работата што ја направил служи како основа за понатамошно ангажирање.
Соренсен ја презеде функцијата специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина на 1 февруари, со првичен мандат од 13 месеци, откако беше назначен од Советот на ЕУ на 27 јануари.
Советот на ЕУ тогаш наведе дека задачата на Соренсен ќе биде да го олесни дијалогот што ќе придонесе за сеопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово, особено спроведувањето на Бриселскиот договор за патот кон нормализација и неговиот Имплементациски анекс од Охрид.