Руте во Одеса: НАТО стои со Украина

Овде сум денес затоа што верувам дека народот на Украина заслужува вистински мир – вистинска безбедност и сигурност во нивната земја, во нивните домови, изјави генералниот секретар на НАТО Марк Руте за денешната посета на Украина.

Во изјавата што ја објави прес службата на НАТО, Руте потсетува дека само изминатиот викенд Русија со дронови камикази во Одеса нападна станбени згради и болница.

– Пред само два дена, во Суми на Цветници – најсветиот ден во христијанскиот календар – две руски балистички проектили убија над 30 цивили – мажи, жени, деца. Над 100 беа повредени – многумина сериозно, истакнува Руте во изјавата објавена по средбата со украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Тој нагласи дека денеска е во Одеса за да ја потврди пораката дека НАТО стои со Украина.

– Јас и ти (Володимир) знаеме дека ова е вистина цело време. Знам и дека некои ја доведоа во прашање поддршката на НАТО во последните неколку месеци. Но, нека нема сомнеж. Нашата поддршка е непоколеблива, додаде генералниот секретар на Северноатлантската алијанса.

НАТО продолжува да обезбедува политичка и практична поддршка за Украина преку обезбедување безбедносна помош и обука преку командата во Визбаден. И тесно соработуваме во Киев и во Брисел, рече Руте.

Тој потсети дека само во првите три месеци од годинава, сојузниците на НАТО веќе ветија повеќе од 20 милијарди евра безбедносна помош за Украина оваа година.

– Нашата посветеност е јасна – и конкретна … Нашата поддршка за Украина е дизајнирана да гарантира дека вашата земја е силна и суверена. Способна да се брани денес и да спречи каква било идна агресија. Сето ова за да ги поткрепи напорите за праведен и траен мир, истакна Руте.

Тој информира дека со Зеленски зборувале за важните разговори што американскиот претседател Доналд Трамп ги води со Украина, како и со Русија, за да се обиде да стави крај на војната и да обезбеди траен мир.

– Овие дискусии не се лесни – не само во однос на ова ужасно насилство, но сите ние го поддржуваме притисокот на претседателот Трамп за мир, нагласи Руте.

Тој додаде дека и другите сојузници, вклучително и преку напорите предводени од Франција и Велика Британија се подготвени, сакаат и се способни да преземат поголема одговорност за да помогнат да се обезбеди мир кога ќе дојде време.

Зачлени се на нашиот е-билтен