„Познато сценарио за дестабилзизација“, вака СДСМ ги оцени настаните на денот на прославата на албанското знаме, но и изјавите дадени на челниците на ВМРО ДПМНЕ, ден потоа. Повикувајќи ги граѓаните да не потпаѓаат на провокациите и манипулациите на власта, опозициската партија тврди дека со лажните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ, дека СДСМ стои зад вчерашниот настан, власта сака да прикрие дека институциите предводени од луѓе, поставени од Христијан Мицкоски, потфрлија во превенција на хаосот и во преземањето на одговорност.
„Во изминатите месеци, Мицкоски постојано пласира сценарија за дестабилизација, создавајќи атмосфера на страв и несигурност. Тој сега се обидува на вчерашните настани да ја надоврзе својата приказна за хаос, обвинувајќи ги сите, освен оние кои навистина треба да понесат одговорност – него и неговата неспособна влада“, пишува во соопштението на СДСМ.
Го повикаа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ итно да престанат со опасната реторика на поделби и страв, и конечно да ја преземат одговорноста што ја носи неговата функција.
Според СДСМ, обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ја префрлат вината врз СДСМ, се навреда за интелигенцијата на граѓаните, бидејќи токму граѓаните знаат дека ‘нивните пропусти не можат да се сокријат, туку само ќе го зацврстат сомнежот дека дестабилизацијата не е сценарио, туку политички инструмент на власта’.
Ваквите обиди на ВМРО-ДПМНЕ имаа за цел, да ја прикријат неспособноста на Владата и Министерството за внатрешни работи, да го заштитат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.
„Страшно неодговорно и поразително е во ситуација на подигнати тензии наместо пораки на смирување и обединување, Мицкоски да прави политички поделби. Опасно е да се потпалуваат граѓаните кога е потребно лидерство и храброст да се смират страстите. Наместо да се соочат со фактот дека институциите потфрлија во превенција на хаосот и да преземат одговорност, Мицкоски и неговата партија одбраа да шират паника и да манипулираат со јавноста со своето познато сценарио за дестабилзизација“.
Според СДСМ, ова е уште еден доказ за неспособноста на власта да се справи со кризни ситуации, но и за опасните намери да го поларизираат општеството за политички поени. ‘Тоа што Мицкоски го прави е оркестрирање страв за избегнување одговорност’.
СДСМ, стои во соопштението нема да дозволи поларизација и манипулации, бидејќи отсекогаш работела за заштита на државните интереси, граѓаните и државноста.
‘Нашата партија никогаш нема да дозволи да биде вовлечена во сценарија на поделби и дестабилизација’, пишува во соопштението на СДСМ.