Ден на пресуда за Тачи: Хаг решава, Приштина и Скопје го чекаат исходот

Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи денеска ќе ја слушнат првостепената пресуда во Хаг, по повеќегодишниот процес за воени злосторства и злосторства против човештвото. Изрекувањето е закажано за 10 часот пред Специјализираните совети на Косово.

Поранешните високи функционери на ОВК се обвинети по шест точки за злосторства против човештвото – меѓу нив прогон, затворање, тортура, убиства и присилни исчезнувања – и по четири точки за воени злосторства. Обвинението се однесува на настани од март 1998 до септември 1999 година во Косово и делови од северна Албанија.

Специјализираното обвинителство побара казни од по 45 години затвор за четворицата, додека нивните одбрани бараат целосно ослободување и тврдат дека обвинителството не ја докажало индивидуалната кривична одговорност. Сите четворица ја негираат вината.

Судењето почна во април 2023 година. Во постапката сведочеа 134 сведоци, а во предметот учествуваат 156 жртви. Доказната постапка заврши во декември минатата година, а завршните зборови беа одржани во февруари.

Одлуката се очекува со големо внимание во Косово. Илјадници граѓани во саботата учествуваа на „Маршот за слобода“ во Приштина во знак на поддршка за Тачи и другите обвинети, со барање за ослободителна пресуда.

Политичкиот одглас стигна и до Македонија. Поддршка за обвинетите беше изразена и на собир на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, додека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, учествуваше на маршот во Приштина и јавно побара нивно ослободување.

Сепак, судот не одлучува за политичкиот карактер на борбата на ОВК, туку за тоа дали обвинителството ја докажало кривичната одговорност на секој од четворицата за конкретните дела наведени во обвинението. Обвинетите се сметаат за невини сè додека вината не биде докажана надвор од разумно сомнение.

Тачи и останатите тројца се во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Денешната пресуда ќе биде првиот судски одговор по процесот што траеше повеќе од три години, но не и нужно крај на правната постапка.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?