Лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи, Милорад Додик, изјави дека политиката на Република Српска останува непроменета и дека овој ентитет не е заинтересиран за сегашниот модел на Босна и Херцеговина, туку единствено за државното уредување воспоставено со Дејтонскиот мировен договор.
„Не нè интересира БиХ. Можеби ќе го задржиме вниманието само на онаа БиХ што е воспоставена со Дејтонскиот договор“, изјави Додик во интервју за белградска „Политика“.
Тој оцени дека за Бошњаците би било подобро да управуваат со територијата што, според него, фактички ја контролираат, наместо да се обидуваат да воспостават власт врз целата територија на БиХ.
Додик најави и дека ќе се обиде да постигне договор со опозициските партии од Република Српска за заеднички настап на државно ниво. Според него, таквиот договор треба да опфати укинување или значително ограничување на надлежностите на Судот и Обвинителството на БиХ.
Тој побара да бидат отфрлени реформите и решенијата за кои тврди дека биле наметнати, по што политичките претставници во БиХ би требало повторно да преговараат за прашањата за кои е можно да се постигне согласност.
Додик порача дека на Босна и Херцеговина „не ѝ е потребен тутор“, посочувајќи дека претстојните избори првпат ќе се одржат без присуство на висок претставник.
Во интервјуто тој нагласи дека за Република Српска најважни остануваат постојаниот дијалог со Србија и односите со Русија и со американската администрација. Најави и дека кон крајот на месецот ќе отпатува во Русија, додека српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, ќе престојува во Соединетите Американски Држави.
Изјавите на Додик претставуваат продолжение на неговата долгогодишна политика на оспорување на централните институции на БиХ и залагање за враќање на надлежностите на Република Српска на рамката што тој ја нарекува „изворен Дејтон“.

