Пратеничката на Европскиот парламент (ЕП) Кетлин Ван Брент по митингот на владејачката Српска прогресивна партија наречен „Србија – едно семејство“ објави дека српскиот претседател Александар Вучиќ „нема намера да се откаже од власта“ и дека Европа „не смее да ги повтори грешките од минатото“.
На X, Ван Брент реагираше на изјавата на Вучиќ за време на митингот дека неговите последни денови како претседател на Србија се пред него.
„Вучиќ и неговата партија немаат намера да се откажат од власта. Тој го најави своето заминување на своја сцена, под свои услови: без временска рамка, без распуштање на парламентот и без гаранција за слободни и фер избори“, изјави европратеничката од Социјалистите и демократите (С&Д).
Ван Брент тврди дека Вучиќ „со месеци подготвува познато сценарио: истакнување на сигурен сојузник за претседателот, продолжување со влечење конци зад сцената, а подоцна враќање на позицијата премиер“.
„Веќе видовме ваков вид сценарио со неговиот добар пријател Владимир Путин“, се додава во објавата.
Ван Брент предупреди дека „Европа не смее да ги повтори грешките од минатото“.
„Ова не е момент да се намали притисокот или да се вратиме на вообичаеното работење. Ова е момент безусловно да застанеме на страната на српскиот народ и демократското движење“, изјави таа.
Ван Брент заклучи дека иднината на Србија е во Европа, но дека таа „мора да биде демократска Србија“ и дека Европа мора да се залага за тоа.
