Повеќе од 170 чадори, лежалки и друга опрема што трајно зафаќала делови од плажата Каливес на Халкидики се отстранети во нова акција на Општина Полигирос. Дел од чадорите биле толку цврсто фиксирани што за нивно вадење била потребна механизација.
Општинските екипи ја започнале акцијата рано наутро и расчистувале долж околу еден километар од крајбрежјето. Освен чадори и лежалки, биле отстранувани и маси, столчиња и други предмети оставени на јавната површина.
Според грчката јавна телевизија ЕРТ, еден од чадорите бил фиксиран со железо, а друг бил бетониран во земјата, поради што и општинските работници имале проблем да ги отстранат.
Од Општина Полигирос велат дека целта е плажата да остане достапна за сите, а не поединци со трајно поставена опрема да резервираат делови од брегот.
„Плажата не може да се претвори во простор за приватна употреба. Секој граѓанин, посетител или жител треба слободно да избере каде ќе седне и да има непречен пристап до морето“, порачаа од општината.
Заменик-градоначалникот Василис Фардојанис изјави дека пристапот до плажите мора да биде еднаков за сите, а не само за оние кои имаат имот непосредно до морето.
Ова е втора поголема акција на Општина Полигирос за само неколку дена. Претходно на плажата во Геракини беа отстранети околу 100 чадори и лежалки кои биле трајно поставени и го ограничувале слободниот простор за капачите.
Локалните власти најавуваат продолжување на контролите на плажите во нивна надлежност.

