Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во гостувањето на албанската телевизија СОТ7, во разговор со новинарот Илир Шута, зборуваше за политиката на Бугарија кон македонската заедница во Албанија и за обидите, како што истакна, да се создаде бугарско малцинство во областите каде што живеат Македонците.
Стерјовски оцени дека бугарската стратегија особено се засилила по зачленувањето на Бугарија во Европската Унија, додека притисокот врз Албанија, според него, станал особено изразен во периодот кога земјата се подготвувала за отворање на пристапните преговори со ЕУ.
Според Стерјовски, признавањето на бугарското малцинство во Албанија во 2017 година било резултат на политички притисок врз земјата и компромис на албанската политичка сцена, иако, како што истакна, такво малцинство не било регистрирано во првите 100 години од постоењето на албанската држава, ниту на пописите спроведени во земјата до 2017 година.
„Сè се направи со директен притисок врз Албанија. Или ќе признаете бугарско малцинство, или во спротивно ќе бидете блокирани на вашиот пат кон Европската Унија“, истакна Стерјовски.
Тој потсети дека во 2017 година, со амандман на Законот за заштита на националните малцинства, бугарското малцинство било внесено во законската рамка со гласовите и на власта и на опозицијата.
Стерјовски посочи дека по законското признавање на бугарското малцинство во 2017 година започнал, што беше дури и светски преседан, да се каже, да се признае малцинство што не постоеше, како што оцени, процес на активно создавање на бугарска заедница во Албанија, преку различни механизми, меѓу кои и добивањето бугарско државјанство.
Особено се осврна на потврдите за бугарско потекло што, според неговите тврдења, за пари ги издаваат дел од локалните институции во Албанија. Како што истакна, ваквите потврди се користат во постапката за аплицирање за бугарско државјанство, а Бугарија ги бара од албанските граѓани кои аплицираат за бугарски пасош.
„Начинот на кој се работи е со овие методи: методот со пасошите и другите методи со овие лажни потврди што ги издаваат општините и различни донации“, рече претседателот на МАЕИ.
Стерјовски нагласи дека локалните власти, според албанското законодавство, немаат надлежност да утврдуваат нечија етничка припадност. Сепак, според неговите тврдења, злоупотребувајќи ја службената положба и за финансиски надомест, дел од локалните институции издаваат потврди за бугарско потекло, кои потоа се користат како документ во постапката за добивање бугарски пасош.
Според Стерјовски, на овој начин се создава документација што во иднина може да се користи како аргумент за зголемување на бројот на лица кои ќе бидат претставувани како припадници на бугарското малцинство во Албанија.
Преспа, Гора и Голо Брдо во фокусот
Стерјовски смета дека пошироката цел на бугарската политика е особено значајна за пограничните области со Македонија – Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што традиционално живее македонско население.
„Нивната цел е овие области што се погранични со Македонија – Преспа, Гора, Голо Брдо – каде што живее македонската заедница, да се прогласат за бугарски области“, рече тој.
Тој ја поврза оваа политика со долгогодишното непризнавање на македонскиот национален идентитет од страна на официјална Софија.
„Бугарското малцинство во Албанија го означува Санстефанскиот проект“
Во интервјуто Стерјовски направи и историска паралела со Санстефанскиот договор од 1878 година, истакнувајќи дека тогашниот проект за Голема Бугарија ги опфаќал и териториите околу Корча и Подградец.
„Бугарско малцинство во Албанија го означува Санстефанскиот проект, Голема Бугарија сè до Корча, Подградец и Дебар“, истакна Стерјовски.
Тој потсети дека Санстефанскиот договор бил ревидиран со Берлинскиот конгрес, но оцени дека историските концепции поврзани со него и денес имаат влијание врз бугарската политика.
„Ова ќе ѝ се врати како бумеранг и на албанската држава“
На крајот од разговорот, Стерјовски предупреди дека, според него, актуелната политика не претставува само проблем за македонската заедница, туку може да има долгорочни последици и за Албанија.
„Денес ние го имаме овој проблем што го имаме како заедница, но од друга страна тоа ќе ѝ се врати како бумеранг и на албанската држава“, порача претседателот на МАЕИ.
Целиот разговор на Васил Стерјовски со новинарот Илир Шута на телевизијата СОТ7, преведен на македонски јазик, „Македониум“ го објавува во продолжение.

