Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел пред европратениците порача дека посакува војната во Украина да заврши што е можно поскоро, но важно е и како ќе се случи тоа.
Според него потребно е трајно и праведно решение и дека не смее да се дозволи договор меѓу Вашинтгон и Москва, кој не ги зема предвид ставовите на Киев и ЕУ.
„Украина би ја отфрлила таквата одлука и ние мора да го сториме истото“, повика Борел.
Тој потенцираше дека ЕУ ја поддржува Украина повеќе од САД и дека ЕУ веројатно ќе треба да ја пополни празнината во воениот удел, доколку Трамп се одлучи да ја прекине поддршката за Украина.
Според Борел, тоа би значело дополнителни финансиски и производствени напори на европска страна.
„Загрижени сме дали испораката на американската воена помош ќе подлежи на услови во иднина. ЕУ мора да ги исполни своите ветувања на Украинците и да им помогне да се одбранат“, истакна Борел.