Драстичен пад на популарноста на Илон Маск

Фото: X/@elonmusk

Популарноста на Илон Маск, најбогатиот човек во светот, бележи нагло опаѓање во САД, покажуваат новите податоци објавени од Нејт Силвер. Денес само 39,4% од Американците имаат позитивно мислење за него, додека 52,7% имаат негативно.

Ова резултира со нето рејтинг од -11, што е значителен пад во споредба со -3 на почетокот од годината и далеку од неговиот пик од +29 во 2016 година.

Главната причина за падот, според аналитичарите, е неговата сè понагласена политичка радикализација и спорната улога во т.н. Оддел за ефикасност на владата (DOGE), каде се спроведуваат агресивни кратења на буџетите на сојузните држави. Маск дополнително ја испровоцира јавноста со своите политички изјави и блискост со екстремната десница, што создаде негативен имиџ и за него и за претседателот Трамп.

Како реакција, започна движењето „Tesla Takedown“, кое повикува на бојкот на Tesla и организира протести пред продажните салони. Продажбата на возилата опаѓа, а инвеститорите се сè погласни во критиките за фокусот на Маск врз политиката наместо врз компанијата. Иако Трамп формално сè уште го држи Маск во DOGE, неодамна најави дека тој би можел да си замине „во наредните месеци“.

Намалувањето на популарноста на Маск би можело да му наштети и на самиот Трамп, особено во контекст на изборните резултати. Маск донираше 25 милиони долари за поддршка на републикански кандидат на изборите во Висконсин, но сепак победи либералната кандидатка. Доколку Маск остане политички активен, тој ризикува да стане товар за администрацијата, додека јавноста останува длабоко разочарана.

Зачлени се на нашиот е-билтен