Иако генерации наназад се повторува советот „јади, да не се фрли“, реалноста покажува дека фрлањето храна станува сè посериозен проблем – и во Европа, и во Македонија.
На социјалните мрежи деновиве се споделува мапа што ја прикажува просечната количина на фрлена храна по жител на годишно ниво, откривајќи загрижувачки разлики меѓу државите.
Според достапните податоци, во Македонија годишно се фрлаат околу 80 до 83 килограми храна по жител, што ја става земјата во групата со умерено високо ниво на отпад. Слична е состојбата и во регионот – во Србија се фрлаат околу 83 килограми по жител.

Парадоксот е уште поголем ако се земе предвид дека, според Државниот завод за статистика, околу 22% од населението во Македонија живее во ризик од сиромаштија, односно секој петти граѓанин се соочува со финансиски потешкотии.
Во Европа, најголемо фрлање храна е регистрирано во Грција – дури 142 килограми по жител годишно. Од друга страна, најрационално со храната располагаат Русија и Словенија, каде што се фрлаат само 33, односно 34 килограми по жител.
Податоците од Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) дополнително ја потврдуваат сериозноста на проблемот – во Македонија годишно завршуваат како отпад околу 172.000 тони храна.
Најголем дел од оваа количина, дури 64%, доаѓа од домаќинствата, додека остатокот се создава во производството, дистрибуцијата и трговијата.
Овие бројки отвораат сериозни прашања – не само за навиките на потрошувачите, туку и за системските решенија за управување со храната. Во време на економска неизвесност и растечки трошоци за живот, намалувањето на отпадот од храна останува еден од клучните предизвици и за граѓаните и за институциите.