Драма на Јадранот – Мислел дека е делфин, а потоа испливала ајкула долга 7 метри!

Пулскиот подводен риболовец Матеј Њавро минатата сабота во Јадранското море доживеал средба каква што се случува еднаш во животот. На само околу триесет метри од себе, пред Муѕил, забележал морски џин – голема ајкула (Cetorhinus maximus), втората најголема риба во светот, пишува „Morski“.

Тоа требало да биде уште еден мирен ден за подводен риболов. Морето било мирно, температурата околу 15 степени, а видливоста малку намалена. Но, рутинското нуркање во пулскиот акваториум се претворило во неверојатно искуство што ќе го памети цел живот.

Додека нуркал со сопругата, во еден момент подигнал глава над површината и на околу триесет метри забележал голема перка.

„Првата помисла ми беше дека е делфин, но по неколку секунди стана јасно дека не е ниту делфин ниту обична риба, туку ајкула“, раскажува Матеј.

Иако љубопитноста го влечела да се приближи, претпазливоста преовладала и со брод се упатил кон глисер на околу сто метри за подобро да ја набљудува ситуацијата.

Кога се приближил со бродот, станало јасно дека станува збор за огромна ајкула. Според проценките, била долга над седум метри.

И покрај нејзината големина, животното се однесувало мирно и спокојно. Полека пливала на површината, повремено нурнувајќи, додека се хранела со планктон и микроорганизми.

Скок во морето и допир по опашката

Желбата да го документира реткиот момент била посилна од стравот, па риболовецот двапати влегол во морето со камера за да ја следи ајкулата во нејзината природна средина.

Во еден момент дури успеал и да се приближи доволно блиску за лесно да ја допре по опашката, но нагласува дека животното и покрај бавниот изглед било изненадувачки брзо.

Се проценува дека се движела со брзина од околу 3 јазли, побрзо од минималната брзина на неговиот глисер.

За време на целиот контакт, тој внимавал да не ја загрози безбедноста на животното, бидејќи ајкулата повремено менувала насока или се спуштала подлабоко кога бродот се приближувал.

По околу дваесет минути заедничко движење, нивните патишта се разделиле.

„Ова е искуство што ќе го паметам цел живот. Средбата со ова мирно суштество во неговото природно опкружување уште еднаш ми покажа колку е богато нашето море“, изјавил риболовецот.

Големата ајкула е строго заштитен вид и не е опасна за луѓето, бидејќи се храни исклучиво со филтрирање на водата. Сепак, ваквата средба во близина на брегот останува импресивна и ретка појава, наведува „Morski“.

Зачлени се на нашиот е-билтен