Германија ја праќа пензијата на берза со една од најголемите промени во приватното пензиско штедење во последните две децении. Од 1 јануари 2027 година Германците ќе можат со државна поддршка да штедат за старост директно преку фондови, акции и ETF, без досегашната задолжителна гаранција за вложениот капитал. Со тоа завршува ерата на нови договори според моделот Riester, а огромен дел од идното приватно пензиско штедење се отвора кон пазарите на капитал.
Реформата веќе го помина германскиот Бундестаг и Бундесратот и стапи во сила на крајот на мај, но новите производи ќе почнат да се нудат од почетокот на 2027 година. Постојните договори Riester нема автоматски да се укинат, нивните сопственици ќе можат да продолжат да штедат како досега или доброволно да преминат во новиот систем.
Најголемата промена е таканареченото Altersvorsorgedepot, пензиска инвестициска сметка преку која парите ќе можат да се вложуваат во фондови и ETF. За разлика од традиционалниот Riester, кај оваа варијанта нема гаранција дека целиот уплатен капитал ќе биде зачуван. Тоа значи поголем ризик, но истовремено и можност за значително повисок принос во текот на повеќедецениското штедење. За оние што не сакаат да го преземат тој ризик ќе останат достапни и производи со гаранција.
Германската држава притоа нема само да ги отвори вратите кон берзата, туку и директно ќе го субвенционира штедењето.
За секое вложено евро до годишен износ од 360 евра, државата ќе додава уште 50 центи. За уплатите над 360 и до 1.800 евра годишно, субвенцијата изнесува 25 центи за секое евро. Максималната основна државна поддршка ќе достигнува 540 евра годишно. Семејствата ќе можат да добиваат дополнителни 300 евра годишно за секое дете, а целосниот детски додаток ќе биде достапен веќе при сопствена уплата од 25 евра месечно.
За младите што ќе склучат договор пред 25 годишна возраст е предвиден и еднократен бонус од 200 евра.
Токму оваа комбинација, државни пари и отворање кон фондови и ETF, ја претвора реформата во огромна деловна можност за банките, осигурителните компании и управувачите со инвестициски фондови.
Германската фондовска индустрија веќе отворено зборува за пресврт. Сојузот на германската фондовска индустрија, BVI, ја нарекува реформата пробив за фондовското пензиско штедење. Неговите членки веќе управувале со околу 2.020 милијарди евра капитал наменет за различни форми на пензиско обезбедување во средината на 2025 година.
Но, интересите на индустријата и на германската влада не се целосно исти.
Берлин сака покрај приватните понуди да постои и стандардна пензиска сметка што би ја управувал јавен субјект. Замислата е таа да служи како евтина и едноставна референтна понуда за граѓаните кои немаат искуство со инвестирање.
Трошоците кај стандардната сметка се ограничени на најмногу еден процент. Токму висината на провизиите беше едно од најспорните прашања при донесувањето на реформата, бидејќи високите трошоци беа меѓу главните критики кон стариот Riester систем.
Фондовската индустрија, пак, се противи на државен конкурент. BVI предупредува дека јавниот производ би имал предност пред приватните компании поради пониските трошоци и довербата што граѓаните природно ја имаат во државата. Потрошувачките организации гледаат токму спротивно, тие со години бараат едноставен и евтин јавен производ што нема да зависи од агресивна продажба и високи провизии.
Постои и практичен проблем. Иако приватните компании треба да бидат подготвени да ги понудат новите пензиски сметки од 1 јануари 2027 година, германските медиуми во јули објавија дека јавниот стандарден производ најверојатно нема да биде подготвен навреме. Тоа би им дало почетна предност токму на банките, осигурителите и фондовските компании во борбата за новите штедачи.
Зад реформата стои и подлабок германски проблем. На крајот на 2024 година постоеле нешто помалку од 15 милиони Riester договори, но според податоците пренесени од Tagesschau, во проценети 20 до 25 проценти од нив веќе воопшто не се уплаќале пари. Високите трошоци, сложеноста и слабите приноси со години ја намалуваа привлечноста на системот.
Од 2027 година Германија затоа не менува само име на пензиски производ. Државата практично ја менува филозофијата на приватното штедење, од гарантиран капитал со слаб принос кон модел во кој берзата, ETF фондовите и долгорочното инвестирање ќе играат многу поголема улога.
