Што покажуваат доказите во „Мазут“: горивото со сертификати, ЕСМ без утврдена штета

Хемиското вештачење во предметот „Мазут“ покажува дека мазутот што РКМ ДОО Скопје го испорачувал до АД ЕСМ бил со соодветен квалитет и ги имал потребните сертификати согласно законските прописи. Сведок од ЕСМ потврдил дека секоја цистерна била примена со сертификат за квалитет, а и ОКТА, од каде што бил купен најголемиот дел од мазутот, претходно потврдила дека горивото било согласно стандардите.

Според хемиското вештачење, параметрите за квалитет на мазутот кои биле дел од договорот на ДПТУ РКМ ДОО Скопје со АД ЕСМ се исти со македонските стандарди за квалитет на течни горива, утврдени со Правилникот за квалитет на течни горива во државата.

Во вештачењето се наведува дека тоа може да се утврди од договорите на РКМ со ЕСМ, како и од стандардите за квалитет на течни горива МКС 1003:2022 и соодветните правилници.

Испорачаниот мазут што РКМ го набавувал од Инса Оил од Бугарија, Мотор Оил од Грција, Ли Оил, Тритерол, Пуцко Петрол и Санс АГ од Македонија, Хифа Оил од Босна и Херцеговина и Лотур Оил од Бугарија, според наодот, бил со бараниот квалитет и карактеристики.

Вештачењето утврдува и дека РКМ во целиот период на траење на трите договори со АД ЕСМ имал дозвола за работа и лиценца за увоз на мазут во Македонија.

„Секоја цистерна беше примена со сертификат за квалитет на мазутот“, потврдил и сведок од ЕСМ.

Во исказ даден во ОЈО ГОКК, сведок навел дека за ЕСМ било важно да ја испочитува одлуката на Владата за активирање на ТЕЦ Неготино, бидејќи цените на електричната енергија на берзите во тој период надминувале 200 евра за мегават час.

Според неговиот исказ, било поисплатливо ТЕЦ Неготино да произведува електрична енергија отколку таа да се набавува на пазарот.

Истиот сведок потврдил дека РКМ навремено ги испорачувал количините мазут што ги барал ЕСМ. Прекините во работата на ТЕЦ Неготино, според исказот, биле последица на непланирани дефекти или планирани прекини согласно планот за работа, но никогаш поради недостаток на мазут.

Претставник на ОКТА, исто така во исказ пред ОЈО ГОКК, навел дека компанијата имала интерес да учествува на тендерот, но проценила дека не може да ја гарантира динамиката на испорака што се барала.

Тој објаснил дека бараните месечни количини одговарале на приближно годишната потрошувачка на мазут во Македонија и дека за нивно обезбедување ОКТА би морала да купи цел брод со количина еднаква на нејзината годишна потрошувачка, што, според сведокот, би ја изложило компанијата на огромен ценовен ризик.

Сведок од ТЕЦ Неготино, на прашањето дали ЕСМ претрпел штета од договорите, одговорил дека нема штета.

Во однос на динамиката на испораките, доказите, според соопштението, покажуваат дека мазутот бил доставуван согласно договорот и барањата на ЕСМ. Количините се движеле според потребите на компанијата, а дневниот просек бил во рамките на договореното.

Претставник на ЕСМ во својот исказ пред ОЈО ГОКК за испораките рекол дека немало никаков проблем со доставата и дека на РКМ за тоа, како што навел, им „симнува капа“.

Во соопштението се наведува и дека ТЕЦ Неготино, како ладна резерва, секоја година ја чини државата околу пет милиони евра за плати, тековни трошоци и други расходи. Според официјалните извештаи на ЕСМ, во 2022 и 2023 година ТЕЦ Неготино остварил профит од 30 милиони евра.

Предметот сè уште се наоѓа во Вишото јавно обвинителство, кое треба да одлучи по одлуката на ОЈО ГОКК за запирање на истрагата поради недостаток на докази.

Во соопштението се тврди дека ЕСМ прикажува штета која, според вештиот наод, не постои, со цел да вложи жалба на одлуката на обвинителката Коларевиќ.

Според истиот наод, немало економска штета, а се тврди дека државата и граѓаните заштедиле поради домашното производство на електрична енергија. Во соопштението дополнително се наведува дека во периодот опфатен со истрагата немало ниту загадување на воздухот поврзано со предметот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?