Питер Тил повторно е во центарот на вниманието, откако на вчера во Берлин му беше доделена наградата „Аксел Шпрингер“ за 2026 година. Признанието го доби за влијанието врз дигиталната ера, претприемништвото и неговата улога во развојот на нови технологии и пазари.
Тил е една од највлијателните фигури од технолошкиот свет. Тој е коосновач на PayPal, а во 2004 година стана првиот надворешен инвеститор во Facebook. Подоцна го кооснова Palantir, компанија специјализирана за анализа на големи количини податоци и вештачка интелигенција, која денес работи и со американски владини институции.
Преку својот инвестициски фонд Founders Fund, Тил вложува и во компании од различни технолошки области, меѓу кои се SpaceX и OpenAI. Неговото богатство се проценува на десетици милијарди долари, но неговото влијание одамна ги надмина границите на бизнисот.
Тил е познат и по политичкото влијание во САД. Тој беше еден од најзначајните технолошки поддржувачи на Доналд Трамп уште во 2016 година, а подоцна финансиски и политички го поддржуваше и Џеј Ди Венс. Токму неговата мрежа на контакти меѓу технологијата, бизнисот и политиката е една од причините поради кои неговото име често се појавува во американскиот јавен живот.
Зошто ја доби наградата?
„Аксел Шпрингер“ е почесно, непарично признание кое се доделува од 2016 година на личности кои според компанијата покажале исклучителна способност за иновации, создале или трансформирале пазари и оставиле трага врз општеството. Победниците ги избира извршниот одбор на Axel Springer.
Од компанијата образложија дека Тил со PayPal помогнал во создавањето на глобалниот дигитален платежен сектор, со раната инвестиција во Facebook го препознал потенцијалот на социјалните мрежи, а со Palantir изградил една од најзначајните компании во современиот технолошки сектор.
Интересно е што меѓу претходните добитници се Марк Закерберг, Џеф Безос, Илон Маск, Тим Бернерс-Ли, Сатја Надела и Сем Алтман.
Говор кој предизвика внимание
На свеченоста во Берлин, Тил не зборуваше само за технологијата. Тој остро го критикуваше современиот медиумски простор, оценувајќи дека голем дел од медиумите станале еднострани и ги пофали оние кои, според него, претставуваат спротивставени гласови.
На церемонијата учествуваа и Макс Левчин, неговиот поранешен колега од PayPal, како и Бари Вајс, Сем Алтман, Алекс Карп и Гари Каспаров преку свои обраќања. Главната дискусија се фокусираше на иновациите, слободата и иднината на западните општества.
Наградата, сепак, не помина без контроверзии. Во Берлин беа организирани и протести против Тил, што дополнително го привлече вниманието кон неговата личност и кон неговото влијание во технологијата, медиумите и политиката.
На крајот од церемонијата, Тил доби и прво издание на „Недовршени приказни“ од Џ. Р. Р. Толкин од 1980 година, како симболичен подарок поврзан со неговиот интерес за авторот.

