Аргентина најави меѓународна правна постапка против Велика Британија поради нафтениот проект „Sea Lion“ во близина на Фокландските Острови, со што повторно се заострува долгогодишниот спор за суверенитетот над архипелагот.
Претседателот Хавиер Милеи ѝ даде рок од две недели на британската влада да го запре проектот, во спротивно Буенос Аирес најавува постапка пред Меѓународниот трибунал за правото на морето.
Аргентинските власти тврдат дека експлоатацијата на природните ресурси во спорната област без нивна согласност е незаконска и може да предизвика сериозни еколошки последици.
Проектот „Sea Lion“ го развиваат израелската „Navitas Petroleum“ и британската „Rockhopper Exploration“, а почетокот на производството е планиран за 2028 година.
Аргентина веќе презеде мерки против компании и лица поврзани со активностите околу островите, додека Милеи во последниот период ја засили реториката околу прашањето за суверенитетот.
Во говор пред Генералното собрание на Обединетите нации тој повторно го истакна аргентинското барање за островите и побара поголем ангажман во решавањето на спорот.
Велика Британија останува на ставот дека жителите на Фокландските Острови имаат право сами да ја определат својата политичка иднина и дека нивната волја мора да биде почитувана.
Во 2013 година жителите на островите со огромно мнозинство гласаа за задржување на статусот на британска прекуморска територија. Аргентина не го признава референдумот и островите, кои ги нарекува Малвини, ги смета за дел од својата територија.
Спорот меѓу двете земји трае со децении, а во 1982 година прерасна и во војна. Новиот нафтен проект повторно го враќа прашањето во центарот на односите меѓу Буенос Аирес и Лондон.

