Романските власти уништија морски дрон во Црното Море, откако леталото било забележано на само неколку стотици метри од платформата „Нептун Дип“, едно од најзначајните енергетски постројки во регионот. За интервенцијата биле подигнати два романски борбени авиони Ф16, а едниот го уништил дронот со топ.
Дронот бил забележан рано утрото од комерцијален брод, на околу 80 наутички милји источно од Констанца, во романската ексклузивна економска зона. Романското Министерство за одбрана формирало кризна командна структура, по што било одлучено леталото да биде уништено за да се заштитат стотиците лица кои работат на платформата и критичната енергетска инфраструктура.
Според романскиот министер за одбрана Раду Мируша, дронот бил наполнет со експлозив. Преку директен комуникациски канал со украинската страна било потврдено дека леталото не потекнувало од Украина, но романските власти засега официјално не соопштија од каде потекнува.
Инцидентот се случува во период на зголемена загриженост за безбедноста на енергетската инфраструктура во Црното Море. Во близина на истиот проект претходно во август биле неутрализирани и два воздушни дрона од типот „Гербера“, а романските власти соопштија дека биле преземени дополнителни мерки за заштита на областа.
„Нептун Дип“ е голем проект за експлоатација на природен гас во Црното Море, развиван од „ОМВ Петром“ и романската државна компанија „Ромгаз“. Производството треба да започне во 2027 година, а проектот се очекува да ја направи Романија најголем производител на гас во Европската Унија.
Романскиот претседател Никушор Дан го обвини Кремљ за инцидентот, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го опиша случајот како дел од поширока кампања на закани и хибридно дејствување против Европската Унија. Русија засега не е официјално потврдена како потекло на конкретниот дрон.
Инцидентот дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на Црното Море, каде покрај воздушните дронови во последните години се регистрирани и морски мини и други закани за пловидбата и критичната инфраструктура. Романија, Бугарија и Турција во меѓувреме работат на зајакнување на заедничката регионална соработка за отстранување мини и заштита на важните енергетски објекти.
