Њујорк ќе отвора „евтини продавници“

Њујорк планира да отвори мрежа од „евтини продавници“ во сопственост на градот, чија цел е да ги намали високите цени на основните производи во еден од најскапите градови во САД.

Иницијативата доаѓа од градоначалникот Зохран Мамдани, кој најави отворање на пет градски продавници, од кои првата треба да биде лоцирана во Источен Харлем следната година. Концептот предвидува објекти без профитна цел, со пониски цени од приватните ланци.

Планот веднаш предизвика реакции од трговците на мало, додека дел од економистите предупредуваат дека вакви модели на „јавна малопродажба“ во САД историски ретко биле одржливи на долг рок.

Мамдани, кој стапи на функцијата на почетокот од 2026 година, својата изборна кампања ја темелеше на политики за намалување на трошоците за живот – вклучувајќи и евентуално проширување на бесплатен јавен превоз и ограничување на кириите.

„Бев избран како демократски социјалист и така и ќе владеам“, изјави тој, додавајќи дека градските продавници треба да создадат конкуренција и да ги намалат цените на основните намирници како леб и јајца.

Првата продавница е планирана на градско земјиште во Ист Харлем, област во која значителен дел од населението користи државна помош и веќе има присуство на големи трговски синџири како „Алди“, „Таргет“ и „Костко“.

Иако идејата се претставува како мерка за олеснување на животните трошоци, критичарите предупредуваат на можни финансиски и пазарни последици, како и на ризик од неуспех на моделот во конкурентна малопродажна средина.

Зачлени се на нашиот е-билтен