Службите за заштита на дивите животни во Кенија објавија дека е започната истрага по смртта на 15 слонови во Националниот парк Амбосели во Кенија.
Службата за диви животни во Кенија (KWS) соопшти дека 10 слонови биле делумно парализирани пред да умрат и умреле во рок од два дена, додека преостанатите пет биле пронајдени мртви, а нивните трупови биле делумно растргнати од мршојадци, објавува АП.
Повеќето од мртвите биле женки и нивните младенчиња, додека меѓу нив имало само еден мажјак.
Слоновите умреле во резерватот за дивеч Кимана и во областа Куку Ранч, која го опкружува Националниот парк Амбосели.
Случаи на труење со слонови се регистрирани во Кенија и претходно, главно како резултат на криволов или конфликти меѓу луѓето и дивите животни.
Прелиминарните анализи на примероците, спроведени од лабораторијата на Универзитетот во Најроби, покажаа присуство на „потенцијално токсична супстанца“, додека одделните анализи од државната хемиска лабораторија беа негативни за тестираните токсини.
Надлежните служби изјавија дека се во тек дополнителни истраги.
„Исто така, спроведуваме еколошки истражувања, вклучително и анализа на изворите на вода и други можни загадувачи во погодените области, за да утврдиме дали слоновите биле изложени на заеднички извор на контаминација“, се вели во соопштението на KWS.
Властите истакнаа дека досега нема докази дека причината за смртта може да се пренесе на луѓето.
