Берлинската Левица (Die Linke) оствари историски изборен резултат, а нејзината кандидатка Елиф Ералп стана нова ѕвезда на германската политика.
„Политико“ ја нарекува „берлинската Мамдани“, според њујоршкиот градоначалник Зоран Мамдани, но пред Ералп сега стои многу потешка задача од победата на изборите: мора да докаже дека нејзината партија може да ја преземе власта во германската престолнина и истовремено да ја убеди загрижената еврејска заедница дека ќе ја заштити.
Левицата на изборите за берлинскиот парламент на 20 септември освои речиси 26 проценти од гласовите и за првпат стана најсилна партија во германската престолнина. Резултатот е повеќе од двојно подобар отколку на претходните избори. Таа победи и во некогашен Источен и во некогашен Западен Берлин, што покажува колку партијата се оддалечи од своите некогашни источногермански упоришта.
Во центарот на тој успех е 45-годишната адвокатка Елиф Ералп, мајка на две деца и ќерка на турски социјалисти кои во 1980 година пребегнале во Германија по воениот удар во Турција. „Политико“ пишува дека токму таа стана лице на новата генерација на берлинската Левица: помлада, поурбана и значително посилно поврзана со гласачите со мигрантско потекло.
Во германските медиуми таа веќе го доби прекарот „берлинската Мамдани“. Споредбата со њујоршкиот градоначалник Зоран Мамдани не настана само поради нивниот политички профил.
„Политико“ наведува дека берлинската Левица користела некои од методите на кампањата на Мамдани, а во Берлин оваа пролет пристигна и Морис Кац, 27-годишен политички консултант кој учествуваше во победата на Мамдани, за да ја советува Ералп. „Ако левичар може да победи во Њујорк, тогаш може да победи и во Берлин“, рече Ералп по победата на Мамдани во 2025 година.
Сличности постојат и во програмата. Додека Мамдани се залагаше за градски продавници за храна, Ералп ветува маалски мензи во кои оброкот би чинел од три евра. Бара ограничување на кириите во становите во сопственост на градот и преземање на над 200.000 станови од големите приватни компании под јавна контрола, што жителите на Берлин веќе го поддржаа на референдумот во 2021 година.
„Политико“ нејзиниот успех пред сè го поврзува со фокусот врз домувањето, нееднаквоста и секојдневните градски проблеми. Левицата особено силно напредуваше во централните делови на Берлин кои со години беа упоришта на Зелените. Во Фридрихсхајн-Кројцберг освои 44 проценти од гласовите.
Ералп сега сака да стане градоначалничка на Берлин, но за мнозинство ѝ се потребни СПД (Социјалдемократите) и Зелените. А токму тие јасно ставија до знаење дека пред сериозни преговори бараат договор за борбата против антисемитизмот и заштитата на еврејскиот живот.
Трите партии со денови водат прелиминарни разговори. Третиот круг се одржува токму денес, на 7 октомври, на третата годишнина од нападот на Хамас врз Израел. СПД и Зелените бараат јасна дистанца на Левицата од антисемитизмот пред преговорите за коалиција воопшто да тргнат во полн замав.
Причината се инцидентите што ја следеа берлинската Левица за време на кампањата. „Политико“ наведува плакат со барање за „слобода на Палестина“, ставови на партискиот подмладок кој зборува за „колонијален и расистички карактер“ на израелскиот државен проект, како и настап на рапер кој на еден собир извикуваше пароли за интифада и смрт на израелската војска.
На прославата на изборната победа се појави и истакнат поддржувач на Народниот фронт за ослободување на Палестина, организација што ЕУ и САД ја сметаат за терористичка.
Ералп ги осуди спорните настапи и порача дека ќе се бори против антисемитизмот. Таа нагласи и дека од платформите на нејзината партија не смеат да доаѓаат повици на насилство ниту пораки поради кои Евреите се чувствуваат загрозено.
Сепак, дел од еврејските институции сметаат дека тоа не е доволно.
Расправата се случува во моменти кога бројките за антисемитизмот во Берлин се изразито високи. Берлинската полиција во текот на 2025 година евидентирала 2.268 антисемитски кривични дела, што е за 24,3 проценти повеќе од претходната година.
„Политико“ наведува дека РИАС (RIAS), организација што следи и инциденти кои не мора нужно да претставуваат кривични дела, забележала голем раст по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Еврејските жители пријавувале дека избегнуваат јавно да носат верски симболи поради навреди и вознемирувања.
Михаел Волфсон, познат германско-еврејски историчар и конзервативен коментатор, отиде дотаму што на младите Евреи им порача да го напуштат Берлин и Германија.
„Напуштете го овој град и оваа земја“, рече тој на прашањето што би му препорачал на млад Евреин кој размислува за својата иднина во Германија.
„Политико“ разговараше и со Гидеон Јофе, претседател на Еврејската заедница на Берлин. Неговата канцеларија е сместена до Новата синагога, зад полициско обезбедување, скенери и неколку безбедносни врати. Таквите мерки, пишува „Политико“, со децении се дел од секојдневието на европските еврејски институции, но Јофе смета дека сегашната ситуација е особено лоша.
За Ералп вели дека разбира зошто ги привлекува гласачите.
„Знае како да се изрази“, рече тој, но додава дека се сомнева во нејзината способност да ги заузда радикалните делови од сопствената партија. Истовремено, тој не сака прашањето за антисемитизмот само по себе да пресуди дали Берлин ќе добие нова коалиција, бидејќи тоа, предупредува, повторно би ги хранело теориите на заговор за политичката моќ на Евреите.
Неговиот вистински тест за Ералп затоа нема да биде она што пишува во коалицискиот договор, туку она што ќе се случува во берлинските училишта, градинки и на улиците.
Ералп вети побезбеден живот за Евреите во Берлин и се обидува својата нова гласачка коалиција, која вклучува голем број млади луѓе и лица со мигрантско потекло, да ја спои со една од темелните политички поставки на повоена Германија, посебната одговорност кон еврејскиот живот и безбедност.
Токму тука, заклучува „Политико“, лежи нејзиниот најголем политички тест.
Прашањето повеќе не е дали новата урбана левица може да победи на избори. Во Берлин веќе докажа дека може. Прашањето е дали сега може да ги убеди скептиците дека е способна и да управува со градот и дали може луѓето како Јофе да ги увери дека можат да ѝ веруваат.

