Прва средба по четири и пол години од почетокот на руската инвазија врз Украина заврши без приближување на ставовите – шефовите на дипломатиите на Русија и Германија, Сергеј Лавров и Јохан Вадефул, разговараа во саботата во Њујорк, а потоа излегоа со целосно спротивставени оценки за средбата.
Разговорот се одржа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, во просторија обезбедена од руската страна. Средбата траеше нешто повеќе од 20 минути и заврши со ракување, но без најава за конкретен договор или продолжување на дијалогот.
Ова беше прва билатерална средба на министрите за надворешни работи на Германија и Русија од почетокот на руската војна против Украина во 2022 година. Иако претставници на двете држави во меѓувреме учествуваа на исти меѓународни собири, директни разговори на ова ниво немаше.
Според руската страна, Берлин ја побарал средбата само еден ден претходно. Лавров подоцна изјави дека разговорот бил непотребен бидејќи од германскиот министер не слушнал ништо поразлично од она што Берлин секојдневно го соопштува во јавноста.
„Можеше само да ми се јави и да ми каже: прочитај го моето соопштение“, изјави Лавров за германската новинска агенција ДПА.
Рускиот министер оцени дека пристапот на Вадефул оставил впечаток како Германија да очекувала отстапки од Москва само затоа што побарала средба. Според Лавров, германската страна сакала промени во руската позиција за Украина и за пловидбата во Црното Море.
Вадефул, пак, по разговорот изјави дека меѓу двете земји и понатаму постојат длабоки несогласувања околу начинот на кој треба да заврши војната во Украина.
„Тоа беше интензивен разговор. Се разбира, не се согласивме за клучните прашања“, рече германскиот министер за телевизијата ЗДФ.
Тој тврди дека понудил деескалација, особено околу војната во Украина, но дека руската страна не покажала подготвеност да го слушне предлогот. Вадефул го отворил и прашањето за беспилотното летало со експлозив пронајдено кај аеродромот Лајпциг/Хале, за кое германските власти ја обвинуваат Русија.
Москва ја отфрла одговорноста за инцидентот, додека германскиот министер го опиша како неприфатлива ескалација и ја предупреди Русија да не продолжува во таа насока.
„Можеме да се браниме и ќе го направиме тоа“, порача Вадефул.
Средбата во Њујорк се одржа во период на длабоко нарушени односи меѓу Москва и Берлин, додека Германија продолжува да ја поддржува Украина, а Русија ги обвинува германските власти дека придонесуваат за продолжување на војната. Дваесетминутниот разговор повторно ги изнесе истите позиции, Берлин побара деескалација и предупреди на руски закани, а Москва оцени дека средбата не донела ништо ново.

