Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека од 21 јуни, во Европа се регистрирани повеќе од 1.300 смртни случаи над нормалното ниво, поврзани со рекорден топлотен бран што го зафати поголемиот дел од континентот.
Десетици милиони Европејци се подготвуваат за уште еден викенд со екстремни температури додека топлотниот бран се движи кон исток. Некои земји веќе пријавуваат зголемување на бројот на смртни случаи, а здравствените власти предупредуваат дека работат на границата.
Утрово, француските здравствени власти соопштија дека само од среда во земјата се регистрирани околу 1.000 смртни случаи повеќе од очекуваното.
„Од 21 јуни, во Европа се регистрирани повеќе од 1.300 смртни случаи над нормалното ниво поврзани со високи температури“, напиша генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на социјалната мрежа X.
„Топлинскиот стрес често се нарекува „тивок убиец“, а европските домови, работни места и училишта не се изградени за такви температури“, нагласи тој.
АФП проценува дека најмалку 191 милион луѓе во Европа ќе бидат изложени на температури од најмалку 35 степени денес, а Германија, Чешка, Унгарија и Полска се најтешко погодени.
Вкупно 381 милион луѓе во Европа, без Турција, ќе доживеат температури над 30 степени, според анализата заснована на прогнозите од Германската метеоролошка служба и демографските податоци за 2025 година од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, обработени од австриската невладина организација Климадашборд.
Според Гебрејесус, милиони Европејци моментално „живеат во екстремна топлина, стотици ги загубија животите, училиштата се затворени, а електричните мрежи се под огромен притисок“.
„Под влијанието на климатските промени и глобалното затоплување, она што се случуваше еднаш по генерација сега се случува речиси секоја година“, рече тој, истакнувајќи дека Европа е континентот што се затоплува најбрзо во светот, двојно повеќе од глобалниот просек.
Шефот на СЗО рече дека организацијата работи со своите земји-членки и партнери за да ги намали здравствените ризици поврзани со екстремната топлина преку подобра подготвеност, превенција и зајакнување на здравствените системи.
Тој ги повика европските земји да спроведат национални акциони планови за топлотни бранови како дел од напорите за заштита на јавното здравје во услови на климатски промени.
