Венецуела бара назад 31 тонa злато од Британија вредно милијарди долари

Венецуела заедно со делови од опозицијата побара од Велика Британија да ѝ бидат вратени околу 31 тон злато што се чува во трезорите на Банката на Англија. Вредноста на резервите се проценува на околу 4 милијарди долари, а средствата се планираат за обновување на земјата по разорните земјотреси во јуни. 

Барањето е резултат на ретка согласност меѓу венецуелската влада и делови од опозицијата, кои по разговори поддржани од САД се договориле заеднички да бараат пристап до замрзнатите резерви. Двете страни велат дека средствата треба да бидат искористени за обновување на домовите, здравствениот систем и инфраструктурата оштетена во земјотресите. 

Златото се наоѓа во Банката на Англија од пред повеќе години, но неговото враќање е блокирано поради долгогодишниот спор околу тоа кој има легитимно право да управува со резервите на Централната банка на Венецуела.

Проблемот се продлабочи во 2018 и 2019 година, кога Велика Британија не ја призна власта на Николас Мадуро и ја поддржа опозициската структура предводена од Хуан Гваидо. Така се отвори правен спор меѓу ривалските управи на венецуелската централна банка за тоа кој има право да располага со златото. 

Банката на Англија оттогаш ги задржува резервите додека не се реши прашањето за легитимното управување со нив. Британската страна не е директна страна во политичкиот договор во Венецуела, а прашањето за ослободување на средствата останува поврзано со правната постапка. 

Во меѓувреме, ситуацијата во Венецуела дополнително се влоши по силните земјотреси во јуни, во кои според најновите податоци загинале повеќе од 6.000 луѓе. Катастрофата дополнително ја оптовари економијата на земјата, која и пред земјотресите се соочуваше со сериозна инфлација и економска нестабилност. 

Само во јули месечната инфлација во Венецуела достигнала 19,9 отсто, додека годишната стапка според анализата на Ројтерс достигнала околу 575,9 отсто. Дополнителниот економски удар од земјотресите го зголеми притисокот врз властите да најдат средства за итна обнова. 

Привремената претседателка Делси Родригез минатиот месец директно му се обратила на британскиот крал Чарлс со барање златото да биде ослободено. Опозициските претставници, пак, бараат да се воспостават механизми за транспарентно управување со средствата за да се обезбеди дека тие навистина ќе бидат употребени за обновување на земјата. 

Венецуела сега се обидува да го претвори спорното злато во финансиски ресурс за обновување на земјата. Но, пред резервите повторно да бидат ставени под нејзина контрола, останува да се реши сложеното правно прашање околу тоа кој има право да располага со нив.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?