На територијата на Македонија до 16 часот биле регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, додека осум се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите на ЦУК, активен пожар има меѓу селата Грчец и Шишево во Општина Сарај, каде што гори ниска вегетација и мешана шума. Вториот активен пожар е кај селото Калаузлија во Општина Радовиш, каде што е зафатена вегетација на отворен простор.
Надлежните служби во текот на денот успеале да изгаснат осум пожари на различни локации низ државата. Интервенции имало во повеќе општини, меѓу кои Шуто Оризари, Карпош, Петровец, Кичево, Куманово, Неготино и Лозово.
Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при движење и активности на отворено, особено во услови на високи температури и суво време, кои го зголемуваат ризикот од појава и ширење пожари.
