Американскиот NTSB ќе ја води истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“ над Македонија

Американскиот Национален одбор за безбедност во транспортот – NTSB ќе ја води истрагата за сериозниот инцидент со авионот „Боинг 737-800“ на летот FR1879, кој се случи на 10 јули во македонскиот воздушен простор.

Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИНСИВ соопшти дека побарал целата истрага да му биде делегирана на американскиот одбор, во согласност со Анекс 13 на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство – ICAO. Во постапката што ќе ја предводи NTSB ќе учествуваат и претставници на КИНСИВ.

Авионот, управуван од „Малта ер“ за „Рајанер“, летал од Солун кон Меминген во Германија кога екипажот пријавил проблем со десниот мотор и декомпресија во кабината. Леталото се вратило во Солун и безбедно слетало.

За време на инцидентот се откачил еден од прозорците во патничката кабина. Повреден бил 61-годишен државјанин на Србија, кој седел покрај прозорецот и бил извлечен назад во кабината од другите патници. Тој бил пренесен во болница во Солун со повреди на вратот и рамото и со изгореници од триење, но не бил во животна опасност.

КИНСИВ, по добивањето на информацијата за инцидентот, ги известил NTSB, француското Биро за истраги и анализи за безбедноста на цивилното воздухопловство – BEA, грчкото тело за истраги и ICAO.

„Боинг“ соопшти дека соработува со истражните органи, додека американската Федерална администрација за воздухопловство – FAA потврди дека авионот е од серијата „Боинг 737 НГ“. Точната причина за дефектот на моторот, оштетувањето на прозорецот и декомпресијата ќе се утврдува во истрагата.

Најчитано