Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара Собранието да го запре донесувањето на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и предлагачите да го повлечат од собраниска постапка. Главната забелешка е што законот се носи по скратена постапка, а набавките на фондацијата задолжена за проектот се изземаат од Законот за јавните набавки.
Предложеното решение предвидува Град Скопје да основа фондација што ќе го спроведува проектот, но за стоките, услугите и градежните работи што ќе ги набавува фондацијата да не важи општиот систем на јавни набавки. Наместо постапките, контролата и правната заштита утврдени со закон, правилата треба да ги донесува Одборот на фондацијата, кој ќе формира и посебни комисии за набавките и ќе одлучува по поднесените приговори.
Платформата смета дека фондацијата треба да има статус на договорен орган. Член 9 од Законот за јавните набавки ги опфаќа правните лица основани за задоволување потреби од јавен интерес, доколку претежно се финансирани од државен или локален орган, се под контрола на таков орган или повеќе од половината членови на управниот или надзорниот одбор се именувани од јавни институции. Според предвидениот начин на основање, финансирање и управување, фондацијата исполнува повеќе од овие критериуми, што го прави спорно нејзиното целосно изземање со посебен закон.
Проектот располага со оперативен буџет од околу 21 милион евра. Според објавените податоци од апликативната книга, повеќе од 95 проценти од средствата треба да бидат обезбедени од државниот буџет, Град Скопје и скопските општини, околу 500.000 евра од фондовите на Европската Унија, а дополнителни средства се планирани од приватни донатори.
Граѓанските организации не ја оспоруваат потребата проектот да има флексибилен модел за ангажирање уметници, автори и носители на уникатни културни права. Нивната забелешка е дека предложениот закон не предвидува ограничени исклучоци само за специфични уметнички услуги, туку го исклучува Законот за јавните набавки и за стандардна опрема, услуги, инфраструктурни зафати и градежни работи за кои постои пазарна конкуренција.
Со тоа, оценува Платформата, се создава посебен режим во кој истиот орган ги пропишува правилата, ги формира комисиите и решава по приговорите. За разлика од редовниот систем, во кој правната заштита ја обезбедува независната Државна комисија за жалби по јавни набавки, во предложениот модел приговорите треба да ги разгледува Одборот на фондацијата во рок од пет дена.
Дополнителни забелешки се упатени кон управувањето со фондацијата. Според предлогот, Советот на Град Скопје ја основа фондацијата, но градоначалникот добива широки овластувања за именување и разрешување на членовите на Управниот и Надзорниот одбор. Платформата предупредува дека концентрацијата на кадровските, управувачките и финансиските овластувања, без претходна јавна расправа, ја намалува институционалната контрола врз проектот.
Скопје беше избрано за Европска престолнина на културата за 2028 година по постапка спроведена од панел составен од независни европски експерти. Европските правила бараат градот да обезбеди институционален капацитет, учество на културниот сектор и граѓаните, долгорочен ефект и редовно следење на подготовките. Титулата ја носи и обврската проектот да се реализира според програмата и ветувањата врз основа на кои Скопје беше избрано.
Платформата бара предлогот да биде доставен на јавна консултација преку ЕНЕР, да се изработи процена на влијанието на регулативата и да се отстранат одредбите со кои фондацијата се иззема од Законот за јавните набавки. Од Државната комисија за спречување на корупцијата е побарано да изврши антикорупциска проверка на законското решение и да достави мислење до Собранието и до јавноста.
