Апел до претседателот, Владата, МОН, ДПИ: УКИМ го поткопува стартот на лекторатот и развојот на македонистиката во Тирана

Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана
Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана

Поаѓајќи од тоа дека за првпат во историјата, државата веќе има застанато зад Лекторатот по македонски јазик во Тирана, јавно апелираме, во функција на заштита и на македонските државни и национални интереси, сите надлежни македонски институции да се заинтересираат и да се заложат да се исправат пропустите и да не се дозволи да се доведе во прашање неговото постоење и развивање, реагираат повторно со соопштение од Македонското друштво „Илинден“ од Албанија.

Во апелот упатен до претседателот на државата и до Владата за реакција и преку ресорните министерства, пред сè Министерството за образование и наука, како и до Државниот просветен инспекторат, но и до сите општествени и политички субјекти и фактори во државата што се залагаат за заштита на македонските национални и државни интереси, се бара да се застане на линијата за развој на македонистиката во Албанија.

Наш приоритет со години беше и останува да се развиваат студиите по македонски јазик во Тирана и веруваме дека заеднички со македонската држава ќе успееме во тоа, истакнуваат од Македонското друштво „Илинден“.

Ова ни се случува во период кога и ние, македонското малцинство во Албанија и нашата матична македонска држава, овде се соочуваме и со засилени обиди за антимакедонски влијанија и пропаганди од субјекти од трети страни.

За жал, сегашното постапување на УКИМ и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура може да се искористи во прилог на таквите влијанија и пропаганди, спротивно и на македонските национални интереси и ние мораме да алармираме.

Од формирањето на нашето Македонско друштво „Илинден“ во 2009 година, ние, Македонците од Албанија водиме борба за статусот на македонскиот јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана. По 14 години залагања и барања, оваа година, за првпат во историјата се доби работно место за лектор по македонски јазик на Универзитетот во Тирана и прашањето за македонистиката во Албанија стана официјален македонски државен приоритет. Денес, УКИМ, воден од новата ректорка, проф. Биљана Ангелова и Семинарот воден од новата директорка, проф. Кристина Николовска, со она што го прават можат да го поткопаат изучувањето на македонскиот јазик и развојот на македонистиката во Тирана, и притоа воопшто не одговараат на нашите досегашни молби, барања и укажувања, иако станува збор за прашање што е од државен интерес.

Откако без некакво образложение, по назначувањето на Кристина Николовска за директорка, УКИМ и Семинарот во целост ја прекинаа комуникацијата и соработката со нас коишто ја покренавме иницијативата и битката за Лекторатот ја водиме со години.

Шансата за првпат во историјата да се распише конкурс за лектор по македонски јазик во Тирана, тие не ја искористија за да се избере македонистички кадар што ќе може да ја развива македонистиката во Албанија. Се очекуваше да се внимава каков кадар ќе се избере поради вжноста на овој Лекторат. Но, УКИМ за лектор во Тирана има избрано лице што нема ни студирано македонски јазик или македонска литература и што досега нема држено настава по македонски јазик. За такво лице, воопшто не знаеме дали ќе може да ја работи работата во Лекторатот. Со тоа се доведува во прашање функционирањето на Лекторатот што очекувавме да прерасне и во Катедра за македонски јазик во Тирана.

По 14 години борба, откако се случи историски успех, ние, Македонците од Албанија, нема да дозволиме поткопување на постигнатото за македонскиот јазик и за развојот на македонистиката во Тирана, зад кое како приоритет, сега стои и македонската држава, пишува во соопштението на Македонското друштво „Илинден“ во Албанија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира