Арсен во водата во Валандово, водоводот само за техничка употреба

Граѓаните на Валандово не треба да ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако лабораториските анализи покажале зголемено присуство на арсен.

ЈП „Комунален сервис“ – Валандово соопшти дека арсенот бил утврден во резултатите од анализите извршени од Институтот за јавно здравје во Скопје. Водата може да се користи исклучиво како техничка, сè до добивањето нови резултати со кои ќе биде потврдена нејзината исправност.

Од јавното претпријатие информираа дека се преземаат дополнителни активности, анализи и контроли на квалитетот на водата во соработка со надлежните институции. Граѓаните се повикани да ја почитуваат препораката сè до официјално известување дека водата повторно е безбедна за употреба.

Во објавеното известување не е наведено колкаво количество арсен било измерено, од кои точки на водоводната мрежа биле земени примероците и кога се очекуваат резултатите од повторените анализи.

Водата со хемиска контаминација не станува безбедна со превривање. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести предупредува дека вриењето не ги отстранува хемиските загадувачи, меѓу кои и арсенот, а со испарувањето на дел од водата неговата концентрација може и да се зголеми.

Светската здравствена организација го класифицира неорганскиот арсен како канцерогена материја и наведува дека долготрајната изложеност преку вода и храна е поврзана со оштетувања на кожата и зголемен ризик од повеќе заболувања.

До укинувањето на препораката, жителите треба да користат безбедна алтернативна вода за пиење и подготовка на храна и да ги следат единствено официјалните информации од ЈП „Комунален сервис“, Институтот за јавно здравје и другите надлежни институции.

Најчитано