Божиновска (ХЕРА): Сеопфатното сексуално образование ги заштитува младите од ризиците со кои се соочуваат

сексуално

Според програмската директорка на ХЕРА, Елизабета Божиновска, сеопфатното сексуално образование може да придонесе младите подобро да се грижат за сопственото здравје, но и да развиваат односи засновани врз почит и емпатија.

Божиновска во изјава за Локално.мк, нагласува дека изучувањето на оваа тема има значајна улога во подготовката на младите за препознавање и спречување на различни ризици со кои се соочуваат.

Сеопфатното сексуално образование треба да биде задолжителен предмет во средното образование, сметаат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, откако министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека предметот ќе биде повлечен од наставата поради ревизија на програмата.

„Сеопфатното сексуално образование во практика е системски одговор на сексуалното и врсничкото насилство, уцените, споделувањето интимни фотографии без согласност, токсичните врски, непланираните бремености, превенција на ХИВ и дезинформациите од интернет“, изјавила Божиновска за „Локално“.

Од ХЕРА сметаат дека токму поради овие ризици, темите поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, личните граници, согласноста и насилството треба да бидат дел од системското образование.

Божиновска посочува и дека искуствата од земјите каде што сеопфатното сексуално образование е дел од задолжителниот наставен курикулум покажуваат подоцнежно започнување на сексуалниот живот кај младите, како и пониски стапки на насилство и малолетнички бремености.

Од ХЕРА, според „Локално“, остануваат на ставот дека предметот треба да има место во образовниот систем доколку целта е младите да добијат знаења и вештини за заштита на сопственото здравје и за градење здрави и ненасилни односи.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?