Бугарија в недела, на 19 април, оди на уште едни предвремени парламентарни избори, осми во последните пет години, а во пресрет на гласањето како фаворит се издвојува поранешниот претседател Румен Радев со неговата „Прогресивна Бугарија“.
Анкетите му даваат јасна предност, но не и простор за самостојно владеење, што значи дека и по изборите Софија најверојатно ќе влезе во нов круг тешки коалициски преговори. За Македонија, тоа не е добра вест: ниту силна победа на Радев носи извесен пресврт, ниту нова нестабилност ветува брзо поместување на спорот.
Според политичкиот профил што го изгради во последните години, Радев сè почесто се опишува како можен „нов Орбан“ на регионот. Тој се спротивставува на некои од клучните проевропски потези на Бугарија, зазема помек став кон Москва, не крие дека сака поинаква надворешнополитичка линија и веќе се наметнува како фигура што би можела да го пополни просторот што во ЕУ го држеше Виктор Орбан.
Токму затоа споредбата не е само предизборна етикета, туку сигнал дека во Софија може да зајакне политика што ќе биде понационалистичка, поостра и повеќе свртена кон блокади отколку кон договори.
Но, за Македонија суштинскиот проблем не е само во Радев, туку во поширокиот бугарски консензус. И кога е во прашање лев центар, и кога се работи за десницата, линијата кон Скопје речиси не се менува: уставни измени, внесување на Бугарите во Уставот и спроведување на обврските од европскиот компромис остануваат услов под кој Софија е подготвена да зборува за напредок.
Радев јавно го повтори тој став и во декември 2025 година, а бугарските институции претходно и формално ја врзаа поддршката за македонските евроинтеграции со патоказ за владеење на правото, акциски план и мониторинг од Европската комисија. Тоа значи дека дури и промената на владата тешко дека би донела промена на суштината.
Во таква атмосфера, инаетот кон Македонија лесно може да стане најевтината валута на бугарската политика. Кога нема стабилно мнозинство, кога секоја коалиција е кревка и кога партиите се натпреваруваат кој ќе изгледа „поцврст“ во одбрана на националните позиции, тогаш токму чувствителните прашања најчесто се користат за внатрешна мобилизација.
Македонија во таков амбиент не е партнер со кој се бара решение, туку тема преку која се собираат поени дома. Затоа исходот од изборите во Бугарија може да смени тонови, но тешко и насока.
Оттаму, дилемата за Скопје не е дали во Софија доаѓа „нов Орбан“, туку дали бугарската политика воопшто има простор да излезе од старото сценарио. Засега, одговорот не охрабрува. Ако Радев победи, Македонија може да добие сосед со уште потврд јавен настап.
Ако не успее да состави влада, ќе следува нов застој. И во двата случаи, надежта дека изборите кај источниот сосед сами по себе ќе го одмрзнат процесот, изгледа прилично тенка.