ДУИ бара целосна истрага за загадувањето на водата во Гостивар

ДУИ

Демократската унија за интеграција во соопштение за јавноста изразува длабока загриженост поради загадувањето на водата во Гостивар и сериозниот ризик што оваа состојба го претставува за здравјето на граѓаните.

„Безбедноста на водата за пиење е основно човеково право, а секој институционален пропуст во нејзиното гарантирање е неприфатлив.

Надлежните институции мора веднаш, одговорно и со целосна транспарентност да постапат за да го утврдат изворот на контаминацијата, институционалната одговорност и да разјаснат дали навремено биле преземени сите неопходни мерки за заштита на граѓаните. Секое одложување или прикривање на информации само ја зголемува несигурноста и ја нарушува довербата на јавноста“ велат од Мала Речица.

ДУИ, како што наведуваат во соопштението целосно ја поддржува секоја професионална и независна истрага што ќе го расветли овој случај, ќе го заштити здравјето на граѓаните и ќе обезбеди секој што е одговорен да се соочи со правдата.

„Истовремено, бараме редовно и транспарентно информирање на јавноста, непречено снабдување со безбедна вода за погодените семејства, како и континуирани лабораториски контроли сѐ до официјална потврда дека водата е целосно безбедна за употреба.

Здравјето на граѓаните мора да биде над секој друг интерес. Одговорноста, транспарентноста и брзото постапување се институционална обврска, а не избор“ се наведува во соопштението од ДУИ.

Најчитано