Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, соопшти дека на северот од земјата е распореден специјализиран тим, со вкупно шест полициски советници, чија задача е да ја советува косовската полиција како подобро да ги спроведе редовни полициски активности во спречување и борба против криминалот и обезбедување безбедност во таа област, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шестмината советници доаѓаат од Холандија и Шведска, а својата работа на косовскиот север, населен со мнозинско српско население, ќе ја извршуваат првично два месеци, со можност за продолжување. Според ЕУЛЕКС, нивната работа може да се продолжи се додека оваа мисија не воспостави долгорочни советодавни капацитети на северот на Косово.
Ова засилување на ЕУЛЕКС, се додава во соопштението, ќе работи потпирајќи се на нивното искуство и експертиза во полициското работење во заедницата.
– Тие ќе дејствуваат во северните општини во тесна соработка со нивните колеги од косовската полиција и со вишите полициски советници на ЕУЛЕКС, кои ја советуваат Регионалната полициска управа во Северна Митровица и четирите полициски станици под нејзина команда, наведува мисијата.
Нивната работа, вели ЕУЛЕКС, покрај советувањето на косовската полиција, ќе биде и да го надгледуваат нејзиното почитување на обврските во однос на човекови права, со цел „да им служи на заедниците што ги штити и да ја зголеми довербата на јавноста преку полициско работење фокусирано на заедницата“.
– Специјализираниот тим од шест полициски советници е распореден во Косово заради зајакнување на постоечките капацитети на ЕУЛЕКС за советување и надзор, во согласност со мандатот на ЕУЛЕКС за пружање поддршка на избраните институции на владеењето на правото во Косово, на нивниот пат кон поголема ефикасност, одржливост, мултиетничност и одговорност, без политичко мешање и во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и најдобрата европска практика, се вели во соопштението на ЕУЛЕКС.