Европскиот парламент усвои извештај со кој се повикува на воведување заедничка европска дефиниција за силување заснована на јасна и доброволна согласност, при што пратениците бараат земјите членки да престанат да го ограничуваат кривичното дело само на случаи на физичка сила и насилство, со цел да се зајакне заштитата на жртвите низ Европската унија.
Во документот, усвоен со 447 гласа „за“, 160 „против“ и 43 воздржани, се нагласува дека молчењето, отсуството на отпор или претходна врска меѓу лицата не смеат да се толкуваат како согласност за сексуален чин, ниту пак претходно однесување или „немање јасно не“ може да се смета како прифаќање.
Пратениците повикуваат Европската комисија да предложи законска рамка со која силувањето ќе се дефинира врз основа на принципот на „доброволна, информирана и повлечлива согласност“, при што се нагласува дека согласноста мора да биде јасно изразена и во секој момент може да биде повлечена.
Во расправата се посочува и дека во одредени ситуации жртвите може да реагираат со т.н. „привремена парализа“, што дополнително ја исклучува претпоставката за согласност, дури и кога нема активен отпор.
Известителката на Комитетот за граѓански слободи, Евин Инцир, истакна дека веќе подолго време постои потреба од заедничка европска дефиниција за силување, додека нејзината колешка Јоана Вигус оцени дека застарените законски решенија треба да се надминат за да се обезбеди еднаква правна заштита за жените во сите земји членки.
Хрватскиот европратеник Марко Вешлигај оцени дека принципот „само да значи да“ треба да стане европски стандард, со што би се затвориле правните празнини и би се зголемила одговорноста на сторителите, додека жртвите би добиле поголема правна сигурност.