За три месеци потрошени над 400 милиони евра: министерствата го „трошат“ буџетот, се отвора прашање за нови задолжувања

Министерствата во Северна Македонија во првите три месеци од 2026 година потрошиле над 400 милиони евра од планираните околу 640 милиони евра за буџетскиот дефицит за целата година, што значи дека се реализирани речиси две третини од планираните расходи, покажуваат буџетските податоци и изјави од надлежните институции.

Според информациите, со ваквото темпо на трошење остануваат околу 230 милиони евра расположливи до крајот на годината, што отвора дилеми за тоа како ќе се управува со јавните финансии во наредните месеци и дали ќе бидат потребни дополнителни мерки или ново задолжување.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека станува збор за динамика на исплата на обврски од страна на министерствата, кои дел од трошоците ги реализираат во првиот квартал, без тоа да значи дополнителни средства во текот на годината. Таа посочи дека станува збор за планирани расходи, кои институциите ги распоредуваат според сопствена динамика.

Во меѓувреме, за покривање на тековните обврски се очекува и заем од околу 300 милиони евра, а не се исклучува можноста државата повторно да се задолжи на странските пазари доколку се утврди потреба преку ребаланс на буџетот.

Од Владата наведуваат дека мерките за ограничување на цените на горивата имаат фискален ефект врз буџетот, но засега не се објавени прецизни пресметки за нивната вредност. Во моментов акцизата на дизелот е намалена за 4 денари, додека за бензините се очекува слично намалување, но даночната стапка на ДДВ за дизелот останува непроменета.

Паралелно се водат преговори со енергетската компанија ОКТА за можен попуст на цената на горивата, кој би можел да изнесува до 3 денари, а одлука се очекува во наредниот период.

Зачлени се на нашиот е-билтен