Иран се закани дека ќе го спречи извозот на нафта од другите земји во регионот доколку поради војната со САД не може да ја извезува сопствената нафта.
Претседателот на иранскиот Парламент, Мохамад Багер Галибаф, порача дека конфликтот не остава простор за средно решение и дека неговиот исход ќе биде „сè или ништо“.
„Ако ние не можеме да ја продадеме нашата нафта, тогаш никој друг нема да може“, напиша Галибаф на платформата Икс, додавајќи дека безбедноста на Иран е предуслов за безбедноста на регионалната инфраструктура.
Галибаф наведе дека безбедноста во Ормускиот Теснец зависи од отсуството на американските сили и дека состојбата на овој поморски коридор нема да се врати на нивото од пред војната. Теснецот е една од најважните светски рути за нафта и течен природен гас.
Заканата следува откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе уништат мост или електрана во Иран за секој нов напад врз брод во Ормускиот Теснец. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи возврати дека Техеран ќе одговори според принципот „око за око“.
САД веќе дванаесетта последователна ноќ извршуваат напади врз цели во Иран, додека пловидбата низ Ормускиот Теснец е значително намалена. Истовремено, јеменските Хути ја проширија кризата кон Црвеното Море со напади врз саудиски танкери и закани за блокада на Баб ел Мандеб.
Стравувањата дека истовремено може да бидат нарушени две клучни рути за транспорт на енергенси ја зголемија цената на нафтата. „Брент“ достигна 96,49 долари за барел, а американската WTI се тргуваше по 88,42 долари.
