Истрагата за нелегалните ботокси се шири: Приведени уште двајца доктори

Уште двајца доктори и едно друго лице се приведени во проширената истрага за нелегален увоз, дистрибуција и употреба на медицински препарати и помагала, во јавноста позната како случајот со ботоксите.

По судски наредби биле извршени претреси на пет локации во Скопје, меѓу кои и во две здравствени установи. Врз основа на прибраниот доказен материјал, јавниот обвинител наредил истрага против четири нови лица.

Тројца се осомничени за злосторничко здружување и повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. Четвртото лице е осомничено само за делото поврзано со индустриската сопственост и неовластената употреба на туѓа фирма.

Основниот кривичен суд Скопје, по предлог на Обвинителството, на сите четворица им определил мерки на претпазливост. Обвинителството не објави детали за нивниот идентитет, здравствените установи во кои работат или конкретните дејства за кои се товарат.

Предметот беше отворен во април, кога истрагата опфати 17 физички и шест правни лица. Тогаш беа приведени 14 лица, меѓу кои доктори од ГОБ „8 Септември“, Универзитетската клиника за дерматологија и сопственици на приватни дерматолошки ординации.

Според првичните сомневања на Обвинителството, две организирани групи набавувале фалсификувани лекови и медицински помагала, меѓу кои и ботокс, од Србија, Кореја и Турција. Препаратите наводно биле нелегално внесувани во земјата, складирани, продавани и употребувани при естетски интервенции.

Дел од препаратите, според истрагата, немале одобрение, декларација или упатство издадено од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД. Обвинителството смета дека со нивната примена било загрозено здравјето на граѓаните.

Во првичната истрага беше опфатен и царински службеник, осомничен дека примил поткуп за да овозможи внесување нелегална стока без задолжителна царинска контрола. Под истрага се и лица кои, според сомневањата, ги преземале и чувале препаратите во приватни живеалишта.

Најчитано