Избега од станица, сега МВР го бара низ светот: Јанев допрва ќе расчистува со „локалните шерифи“

МВР распиша меѓународна потерница по 41-годишниот Александар Лазаров од Кочани, осомничен за кривично дело поврзано со трговија со дрога, откако тој успеал да избега од Полициската станица во Кочани.

Наместо осомничениот да остане под полициски надзор, сега е потребна централна и меѓународна потрага за негово пронаоѓање. Потерницата е распишана по барање на Основниот суд во Кочани.

Бегството се случило во петокот и предизвика сериозни прашања за начинот на кој полицијата постапувала со лице што, според директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, веќе ѝ било познато на службата.

Јанев денеска пристигнал во Кочани за лично да се информира за околностите, оценувајќи дека инцидентот сериозно ја нарушил довербата на граѓаните во полицијата.

Тој најави дека Внатрешната контрола, со поддршка од повеќе централни оддели на БЈБ, ги проверува постапките на сите инволвирани службеници.

Доколку се утврди намерно помагање, прикривање, несовесно работење или прекршување на процедурите, Јанев ветува санкции и одговорност.

„Локални шерифи нема да постојат“, порача директорот на БЈБ, иако токму бегството од полициски објект покажува дека системот што требало да ги спречи ваквите случаи веќе потфрлил.

Јанев изразил разочарување што ваков инцидент повторно се случува во регион за кој сметал дека ги извлекол потребните поуки од минатото. Тој најави дека нема да биде поштеден никој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување.

Сепак, МВР сè уште не соопшти како осомничениот успеал да избега, колку полицајци биле задолжени да го обезбедуваат и дали некој службеник веќе е суспендиран.

Додека трае внатрешната проверка, лицето што било во полициска станица останува недостапно, а институциите сега го бараат и надвор од границите на државата.

Најчитано