Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ во КИЦ во Софија

Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија на 18 април (четврток) 2024, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.

На изложбата ќе бидат претставени дела кои се настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 2019 до 2023 година. Составот на авторите е од поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа, и тоа се: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.

Нас. доц. д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани нај карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.

Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, како и македонските професори: Јана Јакимовска, Јордан Ефремов, Слободан Милошески и Ванѓа Димитријева-Кузманоска.

Жанровски нај застапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.

Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски.

При селектирањето на делата се акцентираше врз владеењето на академските вештини во сликарството. При селекцијата беше отворена можноста за учество на дела од автори кои развиле свој посебен стил и уникатност во изразувањето, за чиј развој дала придонес Ликовната академија во Штип.

Целта на изложбата е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот, да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со оваа институција.

Кратки биографии на авторите можете да ги прочитате овде.

Зачлени се на нашиот е-билтен