Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Макрон изрази жалење откако францускиот Сенат одби да го потврди трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада

 Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека жали што Сенатот на неговата земја одбил да го ратификува трговскиот договор меѓу Европската унија и Канада, кој е цел на напади од земјоделците, бидејќи, како што велат тие, воведува нелојална конкуренција од странство.

Сеопфатниот економски и трговски договор ЕУ-Канада привремено стапи во сила во септември 2017 година, откако беше прифатен од сите влади на Европската унија, но за да биде целосно имплементиран, мора да биде ратификуван од парламентот на секоја земја-членка.

Одлуката на францускиот Сенат, која беше донесена вчера, не мора да значи дека земјата на крајот ќе одбие да го ратификува договорот, познат и како ЦЕТА.

Текстот ќе биде вратен во Долниот дом на францускиот парламент на дополнително разгледување, изјави Макрон на прес-конференција во Брисел.

Макрон не кажа дали би сакал гласањето во Националното собрание на Франција да се одржи пред изборите за Европскиот парламент закажани за јуни.

Според него, тоа е „многу добар договор“ од кој француското земјоделство ќе има корист.

– Дали е добро или лошо за нашето земјоделство? Оценката е исклучително јасна. Многу е добро за млекото, многу е добро за сирењето, многу е добро за виното, нагласи Макрон.

За време на вчерашното гласање во Сенатот, центристите на Макрон беа за ратификација на ЦЕТА, но конзервативците и левичарите беа против.

Најголемите синдикати на земјоделци и производители на храна во Франција ја поздравија одлуката на Сенатот, велејќи дека ЦЕТА долгорочно им штети на интересите на националната прехранбена индустрија.

Земјоделците ширум Европската унија се побунија на почетокот на годината и ги блокираа патиштата со трактори поради ниските приходи, обемната регулатива и, како што тврдат, нелојалната конкуренција од странство. Тие ги критикуваа и договорите за слободна трговија, вклучително и ЦЕТА.

Треба да знаете
Moже да ве интересира