Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маричиќ: Национализмот е избор на политичките опции на кои им недостасуваат идеи

„Ние може и помалку да ја спомнуваме ЕУ, но тоа нема да го промени фактот дека само ЕУ и Западот инвестираат во Македонија, никој друг. Може и да повторуваме повеќе пати дека имаше моменти кога ЕУ не беше докрај праведна со нас, но тоа нема да го промени фактот дека сега имаме отворена врата, План за раст од 6 милијарди евра за Западен Балкан, конкретни продобивки, фондови, патокази и помош за реформи. За ваквата помош не нѝ се бара ништо, освен да останеме посветени на европските реформи. А, добро знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се занимава со европските реформи. Исто како што добро знаеме дека народот наш ниту се откажал, ниту ќе се откаже од ЕУ. Затоа што, колку и да има граѓани кај нас кои се неутрални по однос на геостратешките определби, сепак сите знаат дека Русија и Истокот не инвестираат во Македонија, не нудат ништо за регионов, ниту пак предложиле некаков план за поддршка,“ истакнува првиот вицепремиер, Бојан Маричиќ, во интервју за Рацин.мк.

Тој посочува дека иако патот до ЕУ бил трновит, не треба да размислуваме за одлагања или за алтернативи. Затоа што седнувањето на преговарачката маса со ЕУ, значеше и простор да бидат изнесени ставовите на државата и да се влијае. Тој посочува и дека СДСМ нема да се откаже од уставните измени кои ќе обезбедат континуитетот на преговорите.

На прашањето – Дали СДСМ погрешила кога одлучила да инсистира на наративот за европската агенда, на сметка на прашањата од областа на економијата, социјалните реформи итн, наспроти темите кои главно имаат емотивен набој, Маричиќ, посочува дека, национализмот е силна страна на политичкита опции на кои им недостасуваат прогресивни, современи идеи, односно на оние кои сакаат да манипулираат наместо да носат развој.

„СДСМ нема да посега по наративи и реторика кои се косат со прогресивните, космополитски и автентично демократски партии. Ние сме сосема свесни дека немаме шанса да опстанеме како општество и држава доколку национализмот победи и доминира и на тоа силно и со аргументи, разум и тактики ќе се спротивставуваме секогаш,“ порачува Маричиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен