Премиерот Христијан Мицкоски, по две години политички најави за можни промени, адаптации и „креативни решенија“, сега признава дека не очекува промена на преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија.
Во интервју за Македонската радио-телевизија, по повод две години од мандатот на Владата, Мицкоски изјави дека рамката може да се промени само доколку за тоа постои согласност од сите земји членки на ЕУ.
Со тоа премиерот конечно го прифати основниот став кој од Брисел се повторува во континуитет – преговарачката рамка е усвоена со консензус и не може еднострано да биде изменета по барање на македонската Влада.
„Не очекувам промена на преговарачката рамка, бидејќи за тоа е потребен консензус“, изјави Мицкоски.
Неговата актуелна позиција значително се разликува од изјавите дадени веднаш по доаѓањето на власт во 2024 година. Тогаш Мицкоски тврдеше дека рамката може да биде адаптирана доколку постои политичка волја во Европската Унија.
„Ако постои искрена волја, тогаш сè е возможно“, изјави Мицкоски во јуни 2024 година, најавувајќи дека Владата има неколку разработени опции кои ќе ги предложи во разговорите со Бугарија и европските партнери.
Две години подоцна, премиерот веќе не зборува за реална промена на рамката. Наместо тоа, тој вели дека Франција и Германија работат на конструктивни решенија во границите на она што е возможно за земјите од регионот.
Официјалниот став на ЕУ останува непроменет. Македонија треба да ги усвои уставните измени со кои Бугарите и другите заедници ќе бидат внесени во Уставот, по што без дополнителна политичка одлука треба да се одржи следната меѓувладина конференција и да започне отворањето на првиот преговарачки кластер.
Советот на ЕУ во декември 2025 година повторно утврди дека Македонија сè уште не ја исполнила преземената обврска за уставните измени. Европските институции порачаа дека се подготвени веднаш да го продолжат процесот откако условот ќе биде исполнет.
Изјавата на Мицкоски практично го потврдува она што европските претставници го зборуваат од 2022 година – без реален консензус меѓу сите 27 членки нема нова рамка, а продолжувањето на преговорите зависи од исполнувањето на веќе договорените обврски.
По две години во кои Владата тврдеше дека бара нови решенија, гаранции и промени во европскиот пристап, сега станува јасно дека просторот за репреговарање е речиси непостоечки.
Политичкото прашање повеќе не е дали рамката ќе биде променета, туку колку време Македонија ќе остане надвор од активниот преговарачки процес додека власта одбива да ги спроведе уставните измени.
