Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вечерва изјави дека на Самитот на НАТО во Вашингтон не била договорена средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, но оти тој е подготвен со секого да седна и да разговара.
– Јас никогаш не сум ја најавувал. Претпоставувам распоредите не ни се вклопија, рече Мицкоски во Тема на денот на телевизија Сител.
За тоа дали имало обиди за средба, премиерот рече дека немало.
– Не. Немаше. Ние бевме таму во истите простории и на исто место, на некои 50- 100 тина метри заедно, некогаш и поблиску, но никогаш не постоеше каква било потреба од таков вид на средба. Доколку постои, нема никаков проблем. Јас сум подготвен да седнам со секого да разговарам. Но, претпоставувам распоредот на премиерот на нашиот јужен сосед беше премногу ангажиран. Претпоставувам не успеа да најде време да се сретне со мене, рече Мицкоски.
Премиерот рече дека нема да зборува за тоа што се случувало внатре на средбите за време на Самитот на Алијансата.
– Тоа што таму се случуваше не можам да кажам што се зборуваше и како се зборуваше, освен да потенцирам дека Алијансата е обединета, едногласна во сите одлуки што беа донесени и кои се јавно достапни, рече Мицкоски.
За тоа каква реакција имало на форсирањето на Мицотакис за употребата на уставното име, премиерот рече дека не би можел да каже дали имало или немало форсирање и оти тој бил, како што рече, во една удобна позиција слушајќи ги дискусиите. Имал три излагања и смета дека со нив зел учество и дал вредност во целиот тој процес на НАТО самитот и оти со дел од тие излагања привлекол внимание на присутните во салата.
Во однос на средбата со техничкиот премиер на Бугарија, Димитар Главчев и односите со Бугарија, рече дека тие се релаксирани и искоординирани. Ние, додаде Мицкоски, сме партнери во една заедничка структура, но за некои работи имаме различни гледишта.
– Тоа не е грев. Јас имам мои аргументи, претпоставувам тие си имаат свои аргументи. Јас сум подготвен да дебатирам, да разговарам. Моите аргументи да ги презентирам, да ги слушнам нивните аргументи, рече Мицкоски кој не верува дека сега со техниката влада во Бугарија ќе може да се изнајдат модалитети за да се откочи европскиот пат.
Премиерот рече дека завчера се слушнал на телефон со техничкиот премиер на Бугарија бидејќи имаше пожар на исто место на двете страни на границата и оти успеале да се искоординираат и пожарот е под контрола.
На прашањето дали може да почнеме преговори за време на Унгарското претседателство со ЕУ, Мицкоски рече дека како Влада се подготвени да разговараат.
– Подготвени сме да разговараме. Имаме свој став и не можам да го прифатам ставот за промена на Уставот за вметнување на неколку стотина наши сограѓани кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница овде кај нас. Која е причината? Зошто тоа да го направиме?, рече Мицкоски.
За тоа дека уставните измени се дел од Преговарачката рамка, премиерот рече дека тоа е ултиматум.
– Сега јас ако стои во Рамката треба да го прифатам. Не може тоа. Тоа не е така, рече Мицкоски. Потсети на 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права за македонската заедница во Бугарија, чии што права или, како што рече, се ограничени или ги нема.