Митрески: Собранието да преземе итни чекори за надминување на проблемот со возачките дозволи

Собранието да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор, односно проблемот кој се појави со возачките дозволи, побара претседателот на Парламентот Јован Митрески, на денешната координација со координаторите на пратеничките групи.

– Тој истакна дека има најави дека пратеничките групи ќе достават различни предлози за законски измени, поради што нагласи дека пратеничките групи треба да дејствуваат координирано за да се дојде до најбрзото и најдоброто решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале, информираат од Собранието. 

Од Парламентот посочуваат дека Митрески најавил оти уште денеска ќе иницира состаноци со министрите за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи,  како и со првиот човек на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. 

– Истовремено, претседателот на Собранието информираше дека ќе одржува ад хок состаноци со координаторите на пратеничките група  со цел заеднички да најдат решение за настанатата ситуација, известуваат од законодавниот дом. 

Од Собранието соопштуваат дека Митрески побарал од координаторите да ги информираат пратениците дека доколку е потребно ќе закаже итна собраниска седница во текот на денешниот ден.

Треба да знаете
Moже да ве интересира