Македонските средношколци остварија уште еден значаен меѓународен успех, освојувајќи бронзен медал и две пофалници на 56. Меѓународна олимпијада по физика (IPhO 2026), која од 4 до 12 јули се одржа во Букараманга, Колумбија.
Во конкуренција на 381 натпреварувач од 85 држави, македонскиот тим повторно покажа дека може рамноправно да се натпреварува со најдобрите млади физичари во светот.
Најголемиот успех го постигна Искра Нечаковска, ученичка во четврта година во СОУ „Јосип Броз-Тито“ од Битола, која освои бронзен медал.
Покрај медалот, Македонија освои и две пофалници. Добитници се Панче Крстев, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Карпош, Скопје, и Андрија Младеновиќ, ученик во трета година во ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“ во Скопје.
Боите на Македонија на олимпијадата ги бранеа и Андреј Доневски од гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово и Михаил Шапчески од ПСУ „Јахја Кемал“ – Карпош, кои успешно настапија на престижниот натпревар.
Македонскиот тим го предводеа проф. д-р Ламбе Барандовски, редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија, како и д-р Христијан Кочанковски, претседател на Комисијата за натпревари при Друштвото.
Овој резултат доаѓа само неколку дена по успехот на Европската олимпијада по физика, каде македонските ученици исто така освоија сребрен медал, потврдувајќи го континуитетот на врвни резултати на меѓународната научна сцена.
Од Друштвото на физичарите на Република Македонија им честитаа на учениците, нивните ментори и на сите кои учествувале во подготовките. Благодарност беше упатена и до Природно-математичкиот факултет, Институтот за физика и Министерството за образование и наука, кое ги покрило трошоците за учеството на македонската делегација на олимпијадата.
